четврток, 24 октомври 2024

Мишел го критикуваше Орбан за посетата на Русија и Кина и средбата со Трамп

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан бидејќи без договор со другите лидери на ЕУ започна украинска „мировна мисија“ која вклучуваше разговори со Доналд Трамп и лидерите на Русија и Кина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Орбан во писмото им кажа на колегите од 27-члениот блок дека Трамп, републиканскиот кандидат за претседател на САД, е подготвен веднаш да дејствува како мировен посредник во руско-украинската војна доколку биде избран во ноември.

Многу европски функционери стравуваат дека Трамп би можел да ја намали американската поддршка за Киев и да ја турне Украина во мировни преговори што ќе ѝ дадат на Москва значителен дел од Украина и ќе го охрабрат рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со понатамошни воени потфати.

Унгарија, која одржува блиски врски со Русија од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со Унијата претходно овој месец.

Меѓутоа, во одговорот на писмото на Орбан, претседателот на Европскиот совет Мишел му рекол на унгарскиот премиер дека нема мандат од ЕУ за разговори за војната.

„Ротационото претседателство со Советот нема никаква улога во претставувањето на Унијата на меѓународната сцена и не доби никаков мандат од Европскиот совет да се ангажира во име на ЕУ“, му рече Мишел на Орбан во писмото што на увид го имал Ројтерс.

Мишел, поранешен белгиски премиер, исто така, го отфрли тврдењето на Орбан дека ЕУ води „провоена“ политика во Украина. „Тоа е сосема спротивно. Русија е агресорот, а Украина е жртвата што го користи своето легитимно право на самоодбрана“, напиша Мишел.

Националистичкиот лидер Орбан, долгогодишен поддржувач на Трамп, оствари ненадејни посети на Москва и Пекинг по посетата на Киев, пред да присуствува на самитот на НАТО во Вашингтон минатата недела и да разговара со Трамп на Флорида.

Во своето писмо, Орбан вели дека Трамп, во случај на победа на американските избори во ноември, нема да ја чека својата инаугурација, туку „ќе биде подготвен веднаш да дејствува како мировен посредник“ и дека за тоа има „детално и добро основани планови“.

Постапките на Орбан предизвикаа бес кај многу влади и претставници на Европската унија.

Вчера Европската комисија презеде чекор без преседан и им забрани на еврокомесари да присуствуваат на состаноците кои се одржуваат во Унгарија за време на претседавањето на таа земја со ЕУ.

Некои влади на ЕУ, исто така, планираат да испратат само највисоки државни службеници, наместо министри, на министерските состаноци во Унгарија, а 63 европратеници побараа од ЕУ да го суспендира правото на глас на Будимпешта во блокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ