вторник, 22 октомври 2024

Министерот Љутков го отвори фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец

Во селото Глобочани во Општина Пустец во Албанија, вчеравечер е отворено 19-то издание на фестивалот „Македонско културно лето“. Фестивалот го отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков во музејот посветен на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Министерството за култура, Љутков во обраќањето истакна дека фестивалот на дело потврдува дека културата и јазикот што го зборуваме се поголеми и позначајни од границите што нè одделуваат.

„Денеска преку уметноста, литературата, музиката и сите други форми на културен израз, ги споделуваме креативноста и талентот на македонските уметници, одржувајќи го континуитетот во развојот и промоцијата на македонската култура меѓу сите жители во овој дел на Преспа. Токму преку културата, преку секоја слика и збор, ги уриваме границите и ги засилуваме врските со нашинците“, рече Љутков.

Тој додаде дека е ова „уште една потврда за грижата за македонското малцинство во Албанија и за посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион, претворајќи го во значајна дестинација за културен туризам“.

„Министерот Љутков изрази благодарност до организаторите – Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ и Едмонд Сотир, до градоначалникот Колефски, до уметниците и до сите оние, како што рече, што со своето присуство придонесуваат овој фестивал да биде вистинско културно доживување“, наведува министерството во соопштението.

Фестивалот е отворен со изложба на дела од академскиот скулптор Синиша Новески и промоција на книгата „Македонското традиционално пеење во Мала Преспа, Гора и Голобрдо“ од авторката Андријана Јаневска.

Во рамките на фестивалот, кој ќе трае до 6 јуни, ќе бидат изведени три претстави и една претстава за деца.

Фестивалот го организира Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ со цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ