четврток, 25 јули 2024

Министерката за труд им кажа на пензионерите дека е неуставно пензиите линеарно да се покачат

Објавено на

часот

Сподели

Главните барања на пензионерите се усогласување на пензиите со објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и наместо 12.500 денари, минималната пензија да изнесува 18.000 денари.

Четиричлената делегација побара од министерката Тренчевска да се заземе за нив и да ги пренесе нивните барања во Владата. Појаснија дека бараат линерано зголемување од 3.500 денари што ќе влезе во пензијата на сите 336 илјади пензионери во државава, и тоа да не биде еднократен надомест, а потоа да ги добиваат и процентните покачувања што ќе им следуваат. 

На почетокот на средбата, кога беа присутни медиуми, Драган Угриновски од иницијативниот одбор, побара Тренчевска да се заложи за нивните барања нагласувајќи дека првпат во историјата пензионерите излегуваат на протест. Претставниците на пензионерите укажаа дека просечната пензија е многу ниска, трошоците се многу големи, особено по одмрзнувањето на  цените и откога се зголеми ДДВ-то.

д

Министерката Тренчевска им одговори дека ќе ги разгледа нивните барања – и во МТСП и на седница на Влада, но смета дека нивното барање за линеарно зголемување е противуставно, а барањето за минимална пензија од 18.000 денари не е праведно кон пензионерите што овој износ го земаат сега, а имаат 35 или 40 години работен стаж.

Посочи дека минимална пензија од 12.500 денари земаат најголем дел од пензионерите кои биле работници со малку стаж и кои земале минимална плата и дека ги немаат исполнето условите за пензија како пензионерите со 35 или 40 години стаж. 

„И некој што работел 40 години и некој што работел 15 години не може да зема исто. Јас сум за праведност и социјална правда. Не можел некој што се потрошил 40 години, без разлика дали на машина или во државна институција, да го изедначиме со некој што работел 15 години…Сега се бунат тие со најниска пензија, потоа ќе дојдат тие што земаат 17.000 и 18.000 денари пензија. Како ќе го затвориме тој круг“, рече Тренчевска.

Во однос на барањето за линеарано зголемување на пензиите, таа рече дека е противуставно и дека таква одлука во 1998 била поништена од Уставниот суд. 

„Јас ќе се обратам, но и вие како иницијативен одбор обратете се до Уставниот суд дали линеарно зголемување е уставно“, додаде министерката.

Таа рече дека од 2022 година досега е направено многу за пензионерите. 

„Не кажувам дека е пензијата многу голема, но од 9.000 денари минималната пензија сега е 12.500 денари. Новата методологија е направена токму затоа – пензиите да се зголемуваат двапати во годината, како што растат трошоците на живот и како што расте просечната плата, така да се зголемуваат и пензиите“, рече Тренчевска.

д

По средбата министерката објави соопштение за медиумите, во кое најанпред нагласува дека пензионерите и унапредувањето на квалитетот на нивниот живот е приоритет на оваа Влада.

„За тоа потврдуваат фактите дека од доаѓањето на оваа Влада прво што беше отворено е прашањето за порастот на пензиите и обезбедувањето на достоен живот за сите. Минатата година низ транспарентен процес заедно со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери ја донесовме новата методологија која обезбедува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Тоа е најреалниот пораст на пензиите. Тоа е системско решение кое овозможува постојан раст на пензиите“, рече Тренчевска.

Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на  новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто  пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 отсто, се вели во соопштението. Првото усогласување  во септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во Март 2023година  – 8.4 отсто и моменталната проекција за Септември 2023 година- најмалку 6 отсто,, се нагласува понатаму и се поентира дека заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој состав на Владата.

Во 2022 година, месеците март, април и мај, сите 330.000 пензионери добија финансиска помош од 3.000 денари, а пензионерите со ниски пензии беа дел и од пакетот финансиска помош за ранливи категории на граѓани односно добија помош од  3.000 и 6.000 денари во зависност од висината на пензијата.

Владата продолжува и со субвенционирање на електричната енергија за сите граѓани, вклучително и пензионерите. Пензионерите со ниски пензии преку Министерството за економија, можат да добијат субвенции за електрична енергија до 1.000 денари.

Министерката потенцираше дека со добри политики и домаќинско работење се обезбедува стабилност на пензискиот фонд и пензионерите ги добиваат пензиите редовно и предвреме.

Сите барања кои беа доставени до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат разгледани и заедно во дијалог со Сојузот на пензионери ќе се креираат понатамошните политики и мерки за пензионерите со посебен акцент на оние со пониски пензии а во насока на обезбедување на достоен живот за сите граѓани“, се вели на крајот од соопштението.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ