Во однос на микробиолошкиот квалитет земените примероци од вода од минералната чешми од Проевце одговараат во однос на барањата за овој квалитет, потврдуваат испитувањата кои ги изврши Центарот за јавно здравје Куманово.
„ Последните анализи покажаа дека водата е исправна и е безбедна за пиење. Анализите направени на 16 октомври покажаа дека водата е безбедна за пиење“, изјави д-р Бедри Велиу, специјалист за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Куманово.
„ Ќе продолжиме со анализите. Претходно ја испитувавме еднаш месечно, сега во последно време доста често, бидејќи кон крајот на септември беше констатирано присуство на бактеријата „pseudomonas aeruginos“ во големиот чеп“, додава Велиу.
Бактеријата се размножува во топла и влажна средина и потенцијално е опасна за лицата со ослабнат имунитет и за децата. Инаку, кумановци и граѓани од соседните општини и од соседна Србија, секојдневно полнат вода од овие чешми. Според препораките на лекарите ако водата се консумира дваесетина дена, потребна е кратка пауза од една недела.
Исто така, Јавното претпријатие „Камена Река” ги известува граѓаните на Македонска Каменица дека спроведените анализи на водата за пиење во општина Македонска Каменица покажуваат позитивни резултати, кои потврдуваат дека водоснабдителниот систем обезбедува чиста и здрава вода за пиење.
Анализите, во стандардна и редовна процедура, постојано се вршат во Центарот за јавно здравје, а резултатите потврдуваат дека водата е безбедна за пиење и користење, се вели во денешното соопштение од претпријатието.
„ Сите параметри на квалитетот на водата се во рамките на законски утврдени стандарди, што значи дека граѓаните на Македонска Каменица можат да бидат сигурни во здравствената исправност и безбедност на водата што ја користат“, информираа од претпријатието.
Јавното претпријатие „Камена Река” и Општина Македонска Каменица, како што додадоа, ќе продолжат континуирано да се залагаат за унапредување на квалитетот на услугите и постојано да инвестираат во подобрување на инфраструктурата за водоснабдување, обезбедувајќи ги највисоките стандарди на квалитетот на водата за пиење.
„За сите дополнителни прашања граѓаните на Македонска Каменица можат да се обратат до Јавното претпријатие каде можат да ги добијат потребните информации“, додадоа од ЈП „Камена Река”.
Во прилог на нивното соопштение од претпријатието на нивната веб-страница ги споделија извештаите од извршените тестирањата и спроведените анализи на примероците со водата за пиење земени од каптиран извор на вода и градските чешми во Македонска Каменица.