среда, 30 октомври 2024

Минчев: MИОА се подели на две министерства во кои сега има помалку 120 вработени

Министерството за информатичко општество е поделено на две министерства – за јавна администрација и за дигитална трансформација и сите формалности околу поделбата и регистрацијата се веќе завршени, информираше денеска Горан Минчев, министерот за јавна администрација. Тој рече дека со поделбата, во неговото министерство има 60 вработени, а во Министерството за дигитална трансформација 160 или вкупно бројот на вработените е помал за 120 од бројот на вработените во поранешното МИОА.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Создавањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на тековните предизвици во бирократската неефикасност и недостатокот на транспарентност. Со централизирање на административните реформи под посветено министерство, владата има за цел да создаде поодговорен и ефикасен јавен сектор.

Во наредниот период ќе се посветиме на реализација на реформските надлежности на министерството, односно подобрување на ефикасноста преку предлагање на  иницијативите од страна на ова министерството за да го намалат времето на административна обработка преку рационализација на процедурите и намалување на бирократијата“, рече на денешната конференција за медиумите Минчев.

 

Министерството за јавна администрација од собраниска процедура ги повлече предложените закони за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници.

Минчев најави дека за овие закони ќе се отвори широка дебата, со сите засегнати страни, синдикати, невладини организации, опозициските партии…, заради унапредување на предложените законски решенија и усогласување со стандардите на ЕУ. Планот е овие закони да стапат во сила во јануари 2025 година.

„Сакаме закони кои нема да бидат само ‘шминка и декор’, туку ќе бидат системски и прилагодени за да одговорат на новите предизвици и можности за да имаме професионална, департизирана и мотивирана јавна администрација“, рече Минчев.

Тој најави дека ќе се формира Агенција за стручно усовршување и обука на административните службеници која во развиените земји и во ЕУ одамна се смета за капитална инвестиција во човечките ресурси.

„Верувам дека новите закони ќе треба да  ги решаваат  прашањата со поставување јасни стандарди и очекувања за вработените во јавниот сектор, обезбедувајќи повисоко ниво на услуга и транспарентност. Донесувањето на законската регулатива низ транспарентен процес ќе биде значаен чекор кон поефикасна, поодговорна и транспарентна јавна администрација“, додаде министерот Минчев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ