Иднината на Боби Милевски на кормилото на Македонија летоска беше ставена под голем знак прашалник, се најавуваше отказ по историскиот пораз од 7-0 против Англија.
Но неколку месеци подоцна, раководството на ФФМ реши да му укаже доверба, од македонската куќа на фудбалот попладнево брифираа дека Боби Милевски останува селектор на Македонија.
Новата соработка е до крајот на квалификацискиот циклус за СП 2026, под истите услови како и досега.
„Фудбалската федерација на Македонија, како и досега, ќе биде полна поддршка за селекторот Благоја Милевски и репрезентацијата. Се радуваме на новите предизвици и успеси. Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал. Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат. Во тимот се чувствува енергија и амбиција за нови големи резултати и уверени сме дека тоа е неверојатен мотив за работата во иднина“ – стои во известувањето на ФФМ.
Македонија под водство на Благоја Милевски стигна до баражот во квалификациите за СП 2022, но потоа потфрли во Лигата на нации и во квалификациите за ЕП 2024, во кои завршивме претпоследни на табелата со подобар скор само од Малта.