недела, 21 јули 2024

Мицкоски: СДСМ да избере дали е за уставни измени со одложено дејство или за предвремени избори, па нова лидерска средба

Објавено на

часот

Сподели

„Имаат два предлога на маса, нека изберат еден од тие два, не е проблем јас сум подготвен секогаш да разговарам. Но нека изберат кој од тие два предлога – дали овој со одложено дејство кога Македонија ќе биде членка на ЕУ или избори наесен па гаранции“, рече Мицкоски во интервју за ТВ Алфа.

Според него, логично е да се зборува за избори затоа што на секое поле, како што рече, „гледаме неспособност и политика што пропаѓа и власт што не може да испорача“.

Откако ДУИ предложи да се спроведе истрага и ветинг на сите политички партии, како што соопшти портпаролот на таа партија Бујар Османи, Мицкоски кажа дека предлага ветинг на сите политичари и дека самиот прв се пријавува.

„Прв се пријавувам за ветинг на мене, моето семејство и на моите блиски. Да видиме како од голтари стануваат милионери по политичката кариера“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Опозицискиот лидер вели дека ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија која не прифаќа диктати и која нуди решенија кои ќе обезбедат гаранции за нашиот многувековен македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. Но не само тоа, ВМРО-ДПМНЕ бара и социоекономски пакет за граѓаните и за компаниите, но и Бугарија да имплементира барем три од пресудите од Судот во Стразбур.

„Такви беа и оние две решенија кои се надоврзаа на претходно кажаниот хрватски модел на преамбула во Устав, а коишто за жал од владата на ДУИ и СДС со помалите политички партии кои глумат опозиционери и лажни популисти го нападнаа ВМРО-ДПМНЕ дека го променил ставот, што не е точно. Велиме да во име на процесот, но со одложено дејство и тоа му беше кажано на Ковачевски и бев јасен на прес конференцијата. Што подразбира одложено дејство, тоа значи дека ги почнуваме преговорите, ги завршуваме, Македонија станува дел од ЕУ, тогаш може дел од бугарскиот народ да биде дел од Уставот“, нагласи Мицкоски.

Опозицискиот лидер истакна дека Македонија досега има дадено многу за своите евроатлански интеграции – од промената на знамето до насилното менување на Уставот и промената на уставното име. Уште еднаш потенцираше дека власта сега го нема потребното мнозинство и дека без силни гаранции и одложено дејство процесот нема да продолжи. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тој и неговата партија не ја црпат моќта од, како што рече, персиските килими во Брисел, туку од народот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ