вторник, 22 октомври 2024
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на партиска трибина во Велес

Мицкоски ќе оди кај Ковачевски и ќе каже дека нема да дозволи со уставни измени да се прави „крпа од волјата на народот“

Објавено на

часот

Сподели

„Во државата направија тема од лидерска средба што во суштина треба да биде тековна работа кога се разговара за државните интереси. Се сопнаа и се заглавија на прашањето за форматот на средбата немајќи чувство за состојбата во која се наоѓа Македонија, ниту пак тежината за прашањата за кои мора да се носи одлука. Цела недела гледаме една сапуница, каде со доза на напнатост од медиумите се дознава  дали премиерот ќе прати официјално покана за лидерска, па потоа дали Ахмети ќе се согласи Ковачевски во 4 очи да разговара за иднината на својата држава, за да на крајот дали раководството на СДСМ ќе има доволно храброст и доверба во својот претседател Ковачевски да го пушти на таква средба. Една суштинска средба за иднината на државата се претвори во борба за перцепција на власта, која е вистински неважна во пресрет на сериозноста на времињата и тешката позиција на државата.  Непотребно е заглавување во суетите на луѓето од власта и во нивните стравови за Ковачевски за средбата.

Прво е навистина неточно тврдењето дека ако не сме прифателе уставни измени државата влегувала во изолација. Не може да влеземе некаде каде веќе се наоѓаме. Државата е веќе во изолација, а до тука сме поради тоа што владеат со криминал, и прават предавства на секој чекор. Секоја година ни велат дека сме почнале преговори со ЕУ, а преговори никаде нема. И така седејќи во чекалницата на ЕУ најлесно им е да кажат дека уставните измени ако не се донеле готово е нема веќе ЕУ, со кои патем нема ни преговори.

Второ, гледам дека од СДС не повикуваат да сме ги заштителе националните интереси и да сме прифателе уставни измени.

Дозволете да прашам од кога тоа прифаќање на диктати од оние кои не не признаваат како народ, промена на Устав, без заштита на идентитет и јазик преставува заштита на национални интереси. Очигледно е дека ние и власта различно ги поимаме националните интереси.

Трето, голема невистина е тезата на власта дека од овој немало подобар договор и потполно е неточно тврдењето дека сега е моментот за исчекор. На овие кои се излажаа до сега зарем да им веруваме дека сега ја говорат вистината?

Сигурно можам да ви потврдам дека Македонија во минатото имала и шанси за подобар договор и дека секогаш кога се наметнувал моментумот сега или никогаш, Македонија ги доживувала најсилните разочарувања. Од тоа сега или никогаш состојбата на Македонија е драматично влошена а по 32 години независност ние збориме за есенцијално загрозени темели на државата. Да не се верува во овие убаво завиткани данајски подароци на СДС и ДУИ спрема народот кој има за цел да го оправда фијаското кон кое забрзано ја туркаат државата.

Четврто, од власта да трошеа енергија за убедување на меѓународниот фактор за подобри позиции за Македонија колку што сега трошат бесцелно време за кодошење на државата, убеден сум дека заеднички ќе постигневме многу повеќе, зошто кога е во прашање одбрана на национални интереси ВМРО-ДПМНЕ може да биде само сојузник, независно дали некоја партија е власт или не.

Мене ме интересира многу повеќе судбината на мојот народ од мојата лична кариера.

А кога сме кај меѓународниот фактор, јас ги разбирам нивните позиции и ВМРО-ДПМНЕ ги споделува стратешките интереси за интеграција на Македонија. Но јас не можам да ја разберам сервилноста на власта, нивното падавичење и отворено без кичмено додворување пред странскиот фактор. Тоа е така поради отсуство на достоинство и принципи кое е последица на тоа што немаат резултати во работата и се надеваат на простување и замижување на недостатокот на реформи. Сето ова донесе колективни неуспеси за Македонија. Кој сака може да ги затвора очите пред нивните тешки криминали, но јас нема и кажувам дека ќе одговараат за се што направија и за се што му погрешија на народот и на државата.

Ним им ја оставам сервилноста, а мене единствено важно ми е служењето за интересите на народот.

А она што го барам од меѓународниот фактор и Европската Унија е фер шанса за мојот народ и за Македонија. Фер шанса онаква каква што имале сите народи и држави кои пристапувале кон Европската Унија и од кои не се барало себеодрекување и кои се охрабруваа и поддржуваа на патот кон ЕУ.

Одговорно ви тврдам дека нема друг пример и нема поголема жртва дадена од друга држава на патот кон ЕУ како нашиот случај  со нашата Македонија. Европските бирократи мора да го вреднуваат напорот што Македонија го даде на патот кон Европа кое несомнено е потврда за стратешката ориентација која неспорно ја имаме.

И во овој момент сакам да говорам дека клучно е да ја отвориме темата што по неуспехот на уставните измени.

Се чини дека владата нема никаков план ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини.

И затоа ви велам дека ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провиниенција само за да ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција. А криминалците од сегашната влада ќе одговараат пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ