среда, 23 октомври 2024

Мицкоски сака богати работници, Минчев се надева на компромис со синдикатите

Покачувањето на минималната плата е регулирано со закон, одговори денеска премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање во врска со зголемувањето на платите, а со тоа и на минималната плата. А министерот за јавна администрација Горан Минчев пак, денеска рече дека постоечкиот Буџет е во катастрофална состојба, но со оној за следната година се надева дека ќе се најде компромисно решение со синдикатите.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Јас жалам за обидите на дел од раководството на синдикалните организации да бидат политичари или, пак, слуги на опозициски политичари или опозициски партии, а не да работат во интересот на работниците“, рече премиерот Мицкоски при посетата на Кавадарци.

„Мислам дека интересот на работниците е да има работа, а не да нема работа. Јас се борам работниците да имаат работа, да заработат затоа што колку повеќе ќе имаме богати и среќни работници толку подобро ќе биде и за нас. Нашата политика не е богати и среќни неколкумина политичари коишто се богатат на грбот на работниците. Нашата политика е да имаме среќни работници, а изморени, измачени политичари коишто работат за интересот на работниците“, рече Мицкоски.

Додаде дека секогаш е подготвен да седне со синдикалните лидери и да разговара.

„А октроирани со фалсификувани документи лидери на синдикални организации коишто се политички инструмент на опозициски партии, коишто се сликаа најчесто пред 1 Мај, а ништо не испорачуваа за работниците жалам, можам да изразам жалење што тие дозволиле да бидат вклучени во еден таков процес и ги замолувам во името на позицијата која што ја држат таква каква што ја држат на начин како што ја држат да внимаваат затоа што ние сме нивен партнер, на работниците. Сакаме да имаме среќни и богати работници“, рече Мицкоски.

А министерот за јавна администрација Горан Минчев пак, денеска рече дека постоечкиот Буџет е во катастрофална состојба, но со оној за следната година се надева дека ќе се најде компромисно решение со синдикатите.

Министерот рече дека имал состаноци со повеќе синдикати за прашањето за повисоки плати што, рече, „нормално ги засега синдикатите“.

„Во постоечкото законско решение предвидена е една процентуална надокнада така да кажам, односно зголемување на платите. Ние во следниот предлог ќе отвориме дебата во која тоа ќе биде едно од главните прашања. Се надевам, можеби не во ребалансот на овој буџет, затоа што буџетот е во катастрофална состојба, но заедно со синдикатите, во рамки на средствата предвидени за идниот буџет, ќе дојдеме до некое компромисно решение. Не би можел во овој момент да шпекулирам, кога сме на почетокот на дебатата, но секако ќе имаме можности да разговараме, да нудиме наши решенија, синдикатите да нудат нивни решенија и ако го отвориме овој дијалог, впрочем тоа е и целта –да најдеме некое заедничко решение“, изјави Минчев по отворањето на првата од серијата дебати за реформи на јавната администрација.

Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) бара владата да предвиди во буџетот раст на платите. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред почетокот на дебатата изјави дека на настанот очекува министрите да потврдат дека ќе има усогласување на платите од септември, но и дополнително зголемување на платите во наредната година, согласно колективниот договор за јавен сектор.

„Платите во јавниот сектор ќе растат по 15 проценти годишно во текот на наредните четири години и новата Влада треба да предвиди пари во буџетот, без изговори. Очекуваме зајакнување на капацитетите, да престане злоупотребата на вработените во јавниот сектор и да не се вработуваат партиски кадри. Во овој случај ќе ја имаат нашата поддршка“, изјави Трендафилов за медиумите.

За разликите што постојат во платите на вработените во различни министерства и јавни институции, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во излагањето на дебатата рече дека има различни одговорности од министерство до министерство и најави дека ќе се прави сеопфатна анализа на платите за, како што рече, прво да се идентификуваат разликите и неправилностите. Очекува дека низ „суштествен дијалог со синдикатите“ ќе се надминат голем дел од разликите.

„Оваа анализа треба да ги вклучува квалификациите, одговорностите и сложеноста на самите работни места. Понатаму треба да се воведе унифициран систем за пресметка на платите, кои ќе ги земе предвид разликите во одговорностите и сложеноста на работните места во различни дејности. Преговори и воспоставување конструктивен дијалог со синдикатите и вработените, за да се постигне договор за праведна распределба на сумата на платите. Ова ќе вклучува и преговори за специфични додатоци и бенефици кои ќе ги одразуваат особеностите на различните дејности“, рече Јанкуловски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ