среда, 23 октомври 2024

Мицкоски: Преспанскиот договор е донесен со уцени, пратеници за уши се носеа  

Не се согласувам со вашата констатација дека не го почитувам договорот од Преспа. Не сум среќен со тој договор, знаете како тој договор беше донесен во Парламентот, кога пратеници за уши се носеа, а претходно притвораа и затвораа, се уценуваа за да гласaат за тоа што се случи тогаш. Но, тоа е во функција, тоа е реалност. Јас пред четири години самиот кажав дека овој договор е реалност и покрај тоа што трпев големи политички напади од крајната десница или левица, како сакате во Македонија. Така што сè што е содржано во договорот го почитувам, целокупната официјална, формална, институционална комуникација е апсолутно со придавката, изјави претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју за Ал Џезира.

Објавено на

часот

Сподели

Тој потенцираше дека вистинското прашање е зошто другата страна, односно Грција не го почитува Договорот од Преспа.
„Вистинското прашање е зошто другата страна не го почитува Договорот од Преспа и што направи другата страна којашто е дел од Договорот од Преспа, тука мислам на нашиот јужен сосед Република Грција“, рече тој и додаде дека почитувањето е двонасочна улица и дека не смее да постојат двојни стандарди.
„Почитувањето е двонасочна улица, мораме така да се однесуваме, не смееме да имаме двојни стандарди, треба да имаме принципиелен однос, јас така се однесувам како човек сум принципиелен и така ќе продолжам да се однесувам во животот, за разлика дали на тоа некој му се допаѓа или не“.
Премиерот Мицкоски нагласи дека доколку се анализира добро Договорот од Преспа ќе се види дека македонската страна има многу повеќе направено од тоа што таму го има, укажувајќи дека односот од Грција не е зрел бидејќи освен декларативна, нема суштинска поддршка за интеграција на Македонија во рамките на евроатланските институции.
„Очекувам зрел добрососедски однос со нашиот јужен сосед. Ваков тип на однос не е зрел. Мислам дека ако правилно се анализира и чита договорот ќе се види дека ние имаме направено многу повеќе од тоа кое што е наша обврска. Вистинското прашање е што има направено нашиот јужен сосед. Ја споменавте поддршката од страна на Грција за интеграција на Македонија во рамките на евроатланските институции, освен декларативна, јас суштинска поддршка ниту сум видел, ниту граѓаните во нашата земја имаат почувствувано нешто такво, а да не зборувам за навредливата реторика скопјанос, скопја, да не зборувам за неусвојувањето на меморандумите во рамките на Парламентот изминатите пет години“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека граѓаните изминатите седум години биле жртви на поданичкиот однос од страна на претходната власт, за која како што рече не направиле ништо добро во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Еве ако сум јас сега проблем, што се случуваше изминатите пет години. Граѓаните во Македонија и државата, за жал се жртви на поданичкиот однос изминатите седум години на претходната власт, која апсолутно не направи ништо добро во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Понатаму, навредливиот однос од страна на голем дел од нашите соседи кон Македонија, кон македонскиот народ, не донесоа ништо добро буквално за иднината на граѓаните. И она кое што исто така е многу важно, а кое што сакам да го споменам е дека очекував малку повеќе од страна на нашиот јужен сосед за тоа како треба да функционира оваа двонасочна улица“, посочи тој.
Премиерот Мицкоски е дециден и изјави дека оваа Влада нема да витка кичма, нема да дозволи понижување, туку ќе гради принципиелен однос што ќе се темели на двонасочна улица, добрососедски односи, градење на мостови и решавање на домашните проблеми, бидејќи тоа е она кое што го очекуваат граѓаните од оваа Влада.
„Нема да виткаме кичма, нема да се вовлекуваме, нема да се себепонижуваме, да мафтаме во едната рака со европското и НАТО знаменце, а од другата страна да ги ограбуваме граѓаните и државата. Ние ќе имаме принципиелен однос кој се темели на двонасочна улица, добрососедски односи, градење на мостови и решавање на домашните проблеми. Тоа е она кое што граѓаните го очекуваат од оваа Влада“, рече Мицкоски.

Toj говорејќи за внесувањето на Бугарите во Уставот истакна дека ставот на Владата по ова прашање е јасен и непроменет и дека во таа насока треба да се даде одговор на две прашања, односно која е причината за внесување на Бугарите во Уставот и што добиваме ние како држава од тоа.

„Еве првото прашање има едно потпрашање. Велиме, во ред еве, дали нечии човекови права се забранети или се ограничени затоа што не се дел од Преамбулата на нашиот македонски Устав. Тогаш се поставува дилемата, во ред може да е тоа така, но која европска институција е задолжена да суди дали нечии човекови права се ограничени или нарушени. Тоа е Судот за човекови права во Стразбур. Ако ги видиме одлуките на овој суд поврзани со човековите права во регионот ќе дојдеме до заклучок дека 14 пресуди доаѓаат од оваа европска релевантна институција за македонската заедница во Бугарија дека нема право, односно дека нивните човекови права или се ограничени или се нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет со нула, значи не е тоа причината. Ајде тогаш да видиме што е причината и што добиваме ние. Дали некој, ако ова го направиме, ни гарантира дека ова е последното кое што треба да го направиме, бидејќи гаранции дека ова е последното слушаме уште од раните деведесетти од минатиот век кога променивме име, променивме знаме, променивме банкноти, територијални распределби, имавме воен конфликт, неколку пати менувавме Устав и секогаш пораката од Брисел беше, само уште ова и вие сте најдобрите во одделението и вие сте тие коишто ќе бидете први. Но, за жал сите поминаа, а ние се уште останавме во ходник да чекаме вратата да ни ја отворат, да седнеме и да преговараме“, потенцираше Мицкоски и додаде дека ваквата политика мора да престане и дека тој лично во политиката не е за да се збогати, туку за да остави историска трага преку штитење на интересите на македонскиот народ.
„Оваа политика мора да престане и ние мораме еднаш засекогаш да не се грижиме за нашите лични интереси како политичари и да речеме аха, сега јас сум премиер, министер или директор, дојдоа моите пет минути и ајде сега од голтар ќе станувам милионер. Мојот пристап е поинаков. Јас не влегувам во политиката за да се наплатам, туку влегувам во политиката да оставам историска трага. Што значи таа историска трага? Да ги штитам интересите на мојот народ и на мојата татковина“.
Мицкоски потенцираше дека македонскиот народ направил сѐ како ниту еден друг народ и дека сега е ред на Европа да направи нешто за возврат, а декемврискиот состанок на Европскиот Совет беше доказ дека кога се сака се може.
„Ние како народ направивме сѐ, како ниту еден народ што направил во Европа, кој доаѓа од земјите што порано беа дел од Варшавскиот пакт, како ниту еден народ што направил. Сега треба Европа да направи нешто за нас и тоа го видовме дека кога се сака се може, уште на декемврискиот состанок на Европскиот Совет кога немаше консензус околу едно клучно геостратешко прашање и кога правилото на еден глас беше заменето со правилото на минус еден човек во просторијата“, истакна Мицкоски и додаде дека решението кое го нуди Владата е одложена примена на тоа што претставува услов, односно на уставните измени.
„Ако навистина постои желба во Брисел да ја види нашата држава, да ги види граѓаните да бидат дел од европското семејство тогаш има начин како тоа да се реши и ние решението го понудивме и тоа е одложна примена на тоа кое што преставува услов. Ние можеме тој процес да го почнеме, да го завршиме, но да важи тогаш кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол во рамките на парламентите на 27-те земји членки. Простете, но ние доволно направивме. Сега треба вие да покажете малку комитмент, односно вие да направите нешто за овој, би рекол, еден од најмалубројните народи во Европа, а тој е македонскиот народ и граѓаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ