среда, 27 ноември 2024

Мицкоски: Опозицијата сака да привлече внимание, но граѓаните не сакаат предвремени избори

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата секогаш се подготвени за избори.

Објавено на

часот

Сподели

„ Јас тоа сум го кажал и повторил многу пати. Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори и тоа е јасно. На сите анкети тоа се говори. Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат, кои самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме. Зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено. Јас разбирам, сега некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание“, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата која што ја предводи, нагласи премиерот и претседател на партијата, секогаш е подготвена за избори.

„ Еве вчера имавме долга седница на Извршниот комитет којшто траеше до раните утрински часови. Партијата е консолидирана, апсолутно функционална, што се вели задутре можеме да истрчаме на терен, но тоа не е суштината. Ние треба да испорачаме што на вистинските херои им е потребно, а на нив им е потребно клима за да можат да водат бизнис, да инвестираат, да вработуваат луѓе, а со тоа да растеме како држави. Имаме локални избори следната година и граѓаните на тие локални избори ќе кажат дали се потребни парламентарни избори, или не се потребни“, рече премиерот на денешниот бизнис-форум „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“.

Мицкоски потенцира дека доколку се потребни парламентарни избори, ќе може да се организираат веднаш по локалните избори.

„ Ако се потребни парламентарни избори, можеме веднаш потоа да ги организираме. Ако тие речат црвен картон има Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш јасна е пораката. Ние нема воопшто да ја игнорираме таа порака. Ние не сме СДСМ и ДУИ што ја игнорираа пораката на народот за 2021 година и на сила беа во Владата. Ние таа порака нема да ја игнорираме, така што прв тест ќе бидат локалните избори следната година. Доколку коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ ја победи владината коалиција, тогаш апсолутно ние немаме што да кажеме. Доколку ние победиме, очекуваме конечно да се завртат кон самите себе, да се реформираат со нови луѓе, со нови програмски идеи и да се најдеме на следните редовни парламентарни избори во 2028 година“, рече Мицкоски.

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети на вчерашната средба со граѓаните во Кичево истакна дека во октомври следната година заедно со локалните ќе се одржат и воредни парламентарни избори.

„ Христијан Мицкоски на седница за пратенички прашања излезе отворено рече – повелете да одиме на избори. Јас го држам за збор. Локалните и парламентарните избори ќе се одржат во октомври следната година“, рече Ахмети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ