вторник, 22 октомври 2024

Мицкоски од Мечкин камен: Да изградиме посилна држава на еднакви граѓани

Имаме економска визија за развиена дражава. Доаѓа нова ера на развој и на нови работни места. Ова е само почетокот на нашата економска преродба, а најдоброто допрва доаѓа. Нашата цел е да создадеме стабилна и просперитетна економија која ќе им овозможи на сите наши граѓани подобар живот и сигурна иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната прослава на Илинден Денот на Републиката на Мечкин Камен, Крушево.

Објавено на

часот

Сподели

 

„Сакам да им се обратам на младите. Младите се нашата иднина. Тие се нашата надеж и нашата сила. Вложуваме во нивното образование и во нивниот развој за да ги подготвиме за предизвиците на иднината. Младите се тие што ќе ја водат државата напред, а ние сме тука да ги поддржиме на секој чекор од нивниот пат. Им порачувам на младите: не плашете се од предизвиците, бидејќи вие сте тие што ќе ја градите иднината, тие кои мора да го негувате, браните и да се борите за заедничко единството“, рече Мицкоски.

Тој во својот говор повика на единство.

„Заедно се боревме во Илинден и заедно ќе ја изградиме новата и силна Македонија. Нашата сила е во нашата различност и нашето единство. Само заедно можеме да изградиме заеднички светилник во темнината. Илинден е нашата заедничка инспирација и нашиот најголем потсетник дека секоја генерација има своја борба. Како што нашите предци се бореа за слобода и правда, така и ние денес заедно се бориме за нашите идеали. Ова е нашата заклетва дека никогаш нема да се откажеме, дека секогаш ќе се бориме за нашата татковина, за нашите деца и за нашата заедничка иднина“, рече Мицкоски.

Премиерот порача: „Нашата сила е во нашето единство и заедништво. Без разлика на различностите, сите ние сме дел од една поголема“.

„Ова е повик за солидарност за да изградиме посилна држава на еднакви граѓани. Во оваа смисла, од тука, на славниот Мечкин камен повикувам на единство и со нашите политички противници.  Да ја имаме пред нас големата слика на развиена и европска држава. Држава која е обединета независно од нашите политички разлики. Да зборуваме во еден глас! Да се бориме заедно и да освојуваме големи врвови и да победуваме заедно! Борбата трае е повеќе од слоган. Со оваа порака ние го славиме Илинден и се потсетуваме на нашата одговорност да ја продолжиме борбата за подобра и поправедна земја. Борбата трае и ние сме тука да ја продолжиме. Нека секој збор, секоја акција и секој сон за подобра иднина бидат нашата борба. Нека нашата борба трае, како што траеше и во времето на нашите предци“, рече Мицкоски.

Тој го цитираше Винстон Черчил: „Крајот на една ера значи почеток на нова. Најдоброто нешто што можеме да го направиме е да ја прифатиме промената со надеж и да се стремиме кон подобра иднина.“

Нека е вечен споменот за Илинден. Бог да ја благослови Македонија, порача премиерот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ