четврток, 28 ноември 2024

Мицкоски најавува робусна акција, „ако треба со корумпираните судии и обвинители ќе се справиме и на поинаков начин“

Корупцијата и криминалот ќе продолжат да растат ако не се преземат решителни чекори, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за најавата за продолжување на мандатот на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, за дополнителни шест месеци. Мицкоски остро ги критикуваше состојбите во правосудството, нагласувајќи дека досегашната толеранција на ваквите неправилности ја поттикнува корупцијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Додека имаме вакви судии и обвинители, корупцијата и криминалот ќе цветаат. Време е за робусна акција и нови чекори,“ изјави тој, додавајќи дека е неопходна решителност за да се спречат ваквите игри и да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Тој кажа и дека на секоја седница на Влада читаат ревизорски извештаи и директно го прашуваат државниот ревизор дали има основа за кривични дела и дали тоа е доставено до обвинителството.

„И на секоја седница на Влада го добивам истиот одговор, да, доставено е. Што значи дека имаме стотици случаи доставени до обвинителството. Дали вие сте слушнале освен тоа кога на некој обвинител кога треба да потпише налог за приведување или претрес му се слошило, добил дијареја, со гушење, покачена температура или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но верувајте нема да бидам уште долго, туку ќе влеземе во една робусна акција и ако треба со тие корумпирани судии и обвинители ќе се справиме и на поинаков начин“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој подвлече дека земјата не може да се развива со вакви судии и обвинители, кои, според него, се клучна пречка за искоренување на корупцијата. Мицкоски повика на целосна реформа на судскиот систем, нагласувајќи дека итно се потребни транспарентност и одговорност.

„Корупцијата нема да исчезне додека има луѓе кои го штитат системот на неправда. Затоа, неопходни се нови чекори и решителност,“ порача премиерот.Најавата за продолжување на мандатот на Весна Дамева, заедно со контроверзите околу случајот „Скопски пазар“, укажува на сериозни предизвици во правосудниот систем. Името на Весна Дамева е актуелно и поради случајот „Скопски пазар“, каде што се споменува и нејзиниот сопруг, Младен Дамев. Овој случај, кој се однесува на продажбата на акции и блокирани финансиски средства од околу 700 илјади евра, сè уште чека судска разрешница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ