Мицкоски нагласи дека следната недела ќе имаат состанок за законските измени како една од мерките за да се спречи ново покачување на цените по 30 април, по што, како што рече, ќе може да каже повеќе детали.
„Се бориме, процесот е динамичен. Можам да кажам дека очекувам намалување на трошоците веќе во март споредено со февруари“, рече Мицкоски во одговор на прашање при денешната посета на Свети Николе.
Ги повика трговците да им служат на граѓаните наместо да нарачуваат „платени прес-конференции кај опозицијата“.
„Тие постојат за граѓаните и граѓаните се нивните потрошувачи. Наместо да подметнуваат текстови кај опозицијата, која ги чита на прес-конференции, да стават прст на чело и да не се служат со трикови, туку да работат во интерес на граѓаните“, порача Мицкоски.
Тој уште кажа дека и буџетот за субвенции за земјоделството, исплатата и дисциплината се како никогаш досега, долговите од минатото се вратени, а исплатите се тековни.
„Во последниве недела, две се исплатени околу 240 милиони денари субвенции на оние што се занимаваат со сточарство и со пчеларство. Ценам дека вака ќе продолжиме и во периодот кој што следи и дека земјоделците навремено ќе го добијат тоа што го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Потсети дека тутунарите веќе добиле историски највисока цена за откуп на тутунот од 400 денари.
„Сѐ беше откупено како прва категорија, плус добија 100 денари дополнителна субвенција“, рече Мицкоски и додаде дека реколтата е повисока од 21 милион килограми.