„Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе коишто одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“, изјави денеска Мицкоски.
Тој потсети дека Македонија има целосно усогласена меѓународна и одбранбена политика со ЕУ.
„Реформите ги водиме целосно според барањата од ЕУ. Работиме сѐ во согласност со ЕУ. Ако ЕУ сака да биде заложник на некои земји – членки во процесот на билатерализација, во ред, и тоа го разбираме. Нека нѐ остават да си ги завршиме домашните задачи, проблемите дома да си ги решиме. Не сме ние опасност никому“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Ние, рече тој, само сакаме да нѐ остават дома да си ги решиме проблемите.
„Сѐ имаме направено, сѐ што треба направивме. Ако мислат дека ние треба дополнително да се понижуваме, уништуваме идентитетски, и никогаш да не бидеме таму каде што треба, во ред. Тоа е нивно право. Ги разбираме, одлучиле да бидат заложници на луѓе коишто живеат во средниот век, а не гледаат напред. Тоа е нивна одлука. Нека нѐ остават да си ги решиме домашните проблеми. Нас нѐ интересираат инвестиции, повеќе вработени, добро платени вработени. Сѐ ќе усогласиме согласно европските регулативи. Не сме ние опасност никому. Нема веќе никакво влијание, овде има европско влијание“, рече Мицкоски.
Ние сме, рече тој, земја – членка на НАТО и не постои друго влијание.
„Повеќе од пет месеци нема ниту еден коруптивен скандал, ниту еден скандал каде што гледате Луј Витон ташни со милиони внатре, ниту еден скандал каде што некои мавтаат со европски знаменца, купуваат хотели во центарот на град. Нема тоа. Навистина сме посветени да работиме за граѓаните. Тоа е наша цел“, рече Мицкоски.