Мемет Камбер, роден во 2004 година, почина на 24 мај годинава, поради сериозни компликации предизвикани од неоткриен дијабет. Мемет немал здравствена книшка ниту пак лична карта, а кога отишол во болница со туѓа здравствена книшка, веќе било предоцна.
„Мемет како сиромашно лице немал лична карта затоа што не можел да пријави адреса, бидејќи живеел во дом кој е дивоградба“, изјавија неодамна од „Ромалитико“, осврнувајќи се на тоа какви сè проблеми можат да произлезат од оваа состојба.
„Остварувањето на здравствената заштита е човеково право, а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право. Апелираме итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи“, се вели во соопштението на Ромалитико.