сабота, 19 октомври 2024
Видео и изјави од директорот на ЦУК

Мечка со мечиња за малку ќе беа прегазени од камиони, Ангелов за АП вели дека се многу намножени (ВИДЕО)

Мечка со две мечиња за малку ќе настрадаа откако излегле на патот од Маврови Анови кон Дебар и почнале да бегаат од возилото од кое е снимено видео од несекојдневниот настан, додека од спротивната насока доаѓаат тешки камиони. Видеото го сподели на својот Фејсбук директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, кој притоа ќе забележи дека нештата изгледаат поинаку додека ги гледаме од безбедно на нашиот мобилен телефон. „Блиските средби изгледале сосем поинаку. Барем така тврдат жителите на овие села а јас немам причина да не се согласам со нив“, вели Ангелов. Светската новинска агенција Асошиејтед прес (АП) се заинтересира за случувањата во мавровскиот регион, па за еден од соговорниците во врска со мечките го избраа Ангелов.

Објавено на

часот

Сподели

АП информира дека се пријавени десетици инциденти во мавровскиот регион каде од своите планински живеалишта мечки се симнуваат во селата и дури влегуваат во објекти барајќи храна, што внесе страв кај населението принувајќи ја Владата да преземе мерки.

Ангелов за АП вели дека популацијата на мечки само во Националниот парк Маврово во последниве години пораснала од 70 на 160 до 180 мечки.

Според директорот на ЦУК, поради климатските промени мечките почнале да не спијат во зима и, што до скоро било реткост, сега да имаат и по три младенчиња. Тие се постојано во потрага по храна, вели Стојанче Ангелов.

Инаку, станува збор за кафеавата мечка која уште од 1996 година е заштитена со закон. Наместо барањето за отстрел од страна на локалното население, Владата деновиве донесе одлука да се исчистат ѓубриштата и дивите депониите во и околу мавровските населени места бидејќи тие ја привлекуваат мечката. Контејнерите за ѓубре ќе мора да бидат прописно обезбедени. Освен тоа треба да се заштитат местата каде се чува храна, како и пчелните семејства, а при потреба да се користат стандардни средства за заплашување и одвраќање на мечките.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ