понеделник, 28 октомври 2024

МД Илинден -Тирана: Скандалот со лажните потврди за бугарско потекло доказ повеќе за проблематичниот попис

Македонско друштво Илинден од Тирана, Албанија ја поздравува ангажираноста на новинарите на емисијата Фикс фаре, на телевизијата Топ чанел, за истражувачката сторија во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло во административната единица Острени, областа Голо Брдо, пишува во соопштението на друштвото. 

Објавено на

часот

Сподели

„Голема благодарност до новинарите на оваа позната емисија, која до сега има откриено низа коруптивни афери. Тоа е уште една потврда за она што ние редовно предупредувавме, дека пописот во Албанија беше следен од многу проблеми и нерегуларности. Исто така ја поздравуваме и експресната акција на полицијата која ги приведе трите лица вмешани во овој скандал“, се наведува во соопштението.

Од МД Илинден потсетуваат дека пред и за времето на пописот, како друштво, постојано предупредувале за притисокот од страна на поединци и бугарските институции за да не се добијат точни податоци за етничката припадност на населението во овие предели. 

„Таквите напори јасно и недвосмислено беа поддржани и од локални личности. Јавна тајна е дека, не само во најсиромашни области во државата, областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, има најголема концентрацијата на Македонците, туку и по градовите, како Тирана, Драч, Елбасан, Либражд, Кукс, Корча и други се вршеше невиден притисок од поединци, но и високи политички личности од Бугарија, преку уцени, поткуп и слично се бараше Македонците да се попишат како Бугари“, потсетува друштвото во соопштението. 

Оттаму додаваат дека Македонците поради сиромаштијата и неможноста да обезбедат основна егзистенција во местото на живеење се принудени да аплицираат за бугарски пасоши за да може да заминат во некоја од западноевропските земји.

„Со оглед на последните случувања во врска со лажните потврди, јасно е дека бројот на таканаречени Бугари во Албанија ќе биде само лажна бројка потребна да се задоволат апетитите на Бугарија, која како членка на Европската Унија ја уценува Албанија со вето на нејзиниот пат кон европското семејство“, се констатира на крајот на соопштението потпишано од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и Фатри Фетаху, претседател на огранокот за Голо Брдо.

По објавата на скандалот албанската полиција уапси три лица вмешани во истот, а на вчерашната попладневна итна седница на Советот на општина Булќиза, каде територијално припаѓа административната единица Острени, расрешени се адмнистраторот на единицата, Љуан Мјештри и секретарот на Советот, Фитим Бала. 

МКД.мк вчера објави дека истражуачки новинари на гледаната албанска телевизија Топ чанел лесно во областа Голо Брдо, каде доминира македонско население, купиле потврда за бугарско потекло. Во најпопуларната програма од тој тип – Фикс фар со глас и слика е покажано колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени, област Голо Брдо, општина Булќиза, независно од вистинското потекло. За 100.000 леки новинарите купиле две такви потврди потпишани и заверени со печат, од Љуан Мјештри, администратор на административната единица Острени. Со потврдата потоа лесно се купува бугарски пасош.

По истражувачката сторија обвинителство ги приведе на сослушување адмнистраторот на единицата, Љуан Мјештри и секретарот на Советот, Фитим Бала. 

Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, ја поздрави ангажираноста на новинарите во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло во административната единица Острени, област Голо Брдо. Пренесувајќи го партискиот став, Ендрит Фетаху потпретседател на партијата изјави дека тоа е уште една потврда дека пописот на населението поминал со многу проблеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ