сабота, 26 октомври 2024

Маж почина од болест слична на еболата откако го каснал крлеж во Шпанија

Седумдесет и четиригодишен маж почина од болест слична на еболата, кримско-конгоанска хеморагична треска (ККХГ), откако бил каснат од крлеж во Шпанија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мажот починал минатата сабота поради откажување на органите. Тој бил сместен во изолациониот оддел во болница во Мадрид, изјави портпаролот на болницата.

ККХГ предизвикува сериозна вирусна хеморагична треска, слична на еболата. Почетните симптоми се ненадејна температура, треска, повраќање и дијареа, проследени со промени во расположението и конфузија.

Болеста вклучува и крвавење од носот, очите, осип предизвикан од крвавењето во кожата и внатрешно крвавење.

Како што пренесува Си-ен-ен, оваа хеморагична треска тешко се спречува и лекува, бидејќи нема вакцина, а стапката на смртност е 40 отсто, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).

Болеста на луѓето најчесто се пренесува преку крлежи, а може да се заразат и преку контакт со заразена крв или ткиво од говеда. СЗО наведува дека е можен и пренос од човек на човек.

Човекот што почина во Шпанија се пријавил во болница на 19 јули со симптоми на треска и малаксаност откако неколку дена претходно бил каснат од крлеж во градот Буенасбодас во областа Толедо. Два дена подоцна било потврдено дека е заразен со ККХГ и бил префрлен во изолациониот оддел на инфективното одделение на болницата во Мадрид.

На 22 јули од болницата соопштија дека пациентот е во стабилна состојба, но тој починал една недела подоцна.

Смртта од кримско-конгоанската хеморагична треска се јавува во втората недела од болеста, додека оние што ќе преживеат може да ги видат првите знаци на закрепнување девет до 10 дена по појавувањето на првите симптоми.

Според податоците на СЗО, болеста е ендемична за Африка, Балканот, Блискиот Исток и азиските земји јужно од 50-та паралела. Болеста за прв пат во Шпанија е регистрирана во 2016 година, оттогаш има до три потврдени случаи секоја година во централниот и западниот дел на земјата.

Бидејќи болеста се пренесува преку крлежи, повеќето случаи се појавуваат помеѓу април и август секоја година. Шпанија усвои национален план за контрола на болестите што се пренесуваат преку крлежи, вклучително и ККХГ.

Шпанските експерти наведуваат дека бројот на заболените ќе се зголемува од година во година, а болеста сега е присутна и во Западна Европа. Консуело Хименез Пардо, предавач по медицинска паразитологија на Универзитетот во Алкала во Мадрид, изјави за Си-ен-ен дека бројот на случаите несомнено ќе се зголеми бидејќи Шпанија има поволни климатски услови за ширење на вирусот, односно за неговите домаќини – крлежите.

Заразените крлежи биле донесени во Шпанија од птици преселници што мигрираат меѓу Европа и Африка.

Хименез забележува дека, иако вирусот лесно се пренесува и може да се пренесе од човек на човек преку заразена крв и телесни течности, дури 90 отсто од заразените поминуваат без симптоми или имаат само благи форми на болеста.

Професорката Ема Томсон од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина го нарече загрижувачки случајот со болеста и смртта во Шпанија и посочи дека вирусот е забележан и кај крлежите во Франција.

„Очекувам повеќе случаи на болеста во наредните години. Постои ризик вирусот да се прошири и во други европски земји, вклучително и во Велика Британија“, вели професорката Томсон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ