недела, 20 октомври 2024

Макрон потврди дека Франција мобилизирала 7.000 војници

Францускиот претседател Емануел Макрон нареди мобилизација на 7.000 војници за да се интензивираат безбедносните патроли во земјата.

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката е донесена еден ден откако 20-годишен исламски екстремист со нож избоде наставник во локално средно училиште во Арас, на северот од Франција.

Во петокот во Франција беше прогласено највисоко ниво на безбедносна тревога по тој напад, пренесува Ројтерс.

Кабинетот на Макрон објави дека воената мобилизација ќе биде извршена до понеделник вечер и дека ќе продолжи до понатамошното известување со редовни патроли во поголемите градски центри и популарните туристички локации.

Кабинетот на францускиот претседател потврди дека француските безбедносни сили спречиле уште еден „обид за напад“ во друг регион, без да прецизираат во кој регион.

„Училиштето во Арас беше цел на варварскиот исламистички тероризам“, рече Макрон по посетата на училиштето, велејќи дека жртвата „веројатно спасила многу животи“ со нејзината храброст во обидот да го блокира напаѓачот, објави Франс 24.

Полицијата го уапси осомничениот напаѓач, Мохамед Могучков, по потекло од Чеченија, република на Руската Федерација лоцирана во претежно муслиманскиот регион на Јужен Кавказ.

Тој веќе бил регистриран во францускиот регистар за национална безбедност, означен како потенцијална безбедносна закана и под електронски и физички надзор од француската служба за внатрешна безбедност, пренесоа француските медиуми.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави во петокот дека нападот во Арас е поврзан со настаните на Блискиот Исток, каде Израел води воена офанзива против Хамас, палестинска милитантна организација која изврши напади врз Израел минатата сабота.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ