Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи истакна дека инвестирањето во железницата е паметна инвестиција затоа што возовите, како што рече, се витален начин на транспорт на движење на стоки низ цел свет и нивната предност е во тоа што нудат ефикасност, економичност, капацитет.
„Владата ги препознава предностите на железничкиот сообраќај и токму затоа не изостанува нашата поддршка за железницата преку државниот буџет, а со изградбата на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија си градиме и европска иднина за нас, но и за железницата. Оваа инвестиција за нашите компании значи нови европски пазари преку поекономичен превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата со Бургас и Варна во Бугарија, а и наскоро Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработка во регионот во целина“, истакна Битиќи.
Со инвестициите во Коридорот 10, рече вицепремиерот, државава ќе стане крстосница за синџирите на снабдување.
„Изградба на оваа железничка пруга од Куманово до Крива Паланка, па се до границата со Бугарија, која е инвестиција со преку 600 милиони евра, е сериозен чекор во развојот на регионалната железничка мрежа и показател за посветеноста на оваа Влада за изградба на ефикасна железничка инфраструктура што на нашите компании ќе им биде од голема помош за пласирање на нивните производи на странските пазари“, рече Битиќи кој на свеченоста даде ветување дека денешните деца во наредните 10 години ќе имаат европска железница.
Стефан Худолин, шеф на Одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, рече дека железницата има важна улога во економскиот развој на секоја држава зашто превезува стоки, поврзува бизниси со пазари и креира нови работни места, а денеска е важна и зашто ја штити животната средина. Ако пред 150 години била воспоставена првата железничка врска, рече тој, во 2023 фокусот е на подобрување на таа поврзаност.
Притоа тој нагласи дека мора да се работи на проектите за железнички сообраќај на запад кон Албанија и на исток кон Бугарија, со што ќе се поврзат Јадранското и Црното Море.
Мораме да се потрудиме најдобро што можеме да ги подобриме овие делови, рече Худолин, посочувајќи дека е поставена финансиската конструкција и значителна помош од претпристапните инструменти, комбинирани со заеми од банки и фондови.
За делницата кон границата со Бугарија посочи дека е еден од водечките проекти во кои инвестира Европската Унија.
„Целта е да се поврзе Јадранското со Црното Море. Некои мислат дека е тоа фантазија, но ние веруваме дека ова може да се исполни. Транспортниот сектор е високо во приоритетите на ЕУ за Северна Македонија. Со повеќе од 500 милиони евра од грантови од претпристапни фондови, обезбедивме значителни ресурси и крајно време е да направме дополнителни заложби и одредиме работи што треба да се постигнат на терен“, рече Худолин.
Тој соопшти и дека во последните 15 години, во соработка со домашните власти, направени се значителни инвестиции во надградување и модернизирање на железничката инфраструктура во државава.
„Ова вклучуваше реконструкција на 11 пруги, делот од Битола до границата со Грција, и целосно подобрување на транспортот и конекциите со другите земји во регионот и промовирање на еден од најеколошките начини на транспорт“, рече претставникот на ЕУ.
Свеченоста ја отвори директорот на „ЖРСМ“ Хари Локвенец, кој рече дека се обраќа во име на илјадниците вработени во изминатиот век и половина што се вградиле во институционалната меморија на железницата и дека 150 години е јубилеј на визијата, континуитетот и вистинскиот патриотизам.
„9 Април 1873 година е голем и значаен ден – денот кога македонската визија се најде буквално на европскиот колосек на развојот… Со над 700 километри пруги низ цела држава МЖ не поврзуваат со солунското пристаниште на југ, на север европскиот колосек нѐ обединува со сите 26 земји, на запад со готов проект во рака целта ни е да стигнеме до Драч, а со тоа и до Италија. Што се однесува до историското железничко поврзување со Република Бугарија ќе повторам и сега – ќе стане реалност… Ние денес, поради иднината, ви ветуваме уште еднаш дека воз од Скопје за Софија и обратно ќе сообраќа. Сите сме единствени во тоа што поскоро да се качиме на возот од Скопје до Софија. Нема ниедна пречка која е невозможна кога се има желба и заедничка визија“, истакна Локвенец.
Притоа тој додаде дека на двете делници се работи интензивно – во мај ќе биде објавен јавниот повик за третата и најсложена фаза со 24 тунели и 51 мост.
„Тоа е најкратката, но, сепак, најсложената делница на источното крило на Коридорот 8“, рече директорот на претпријатието.
Локвенец нагласи дека покрај изградбата на нови пруги, обврска е и одржување на постојната железничка инфраструктура и дека нема компромис кога е во прашање безбедниот железнички сообраќај.