Ова е идеално решение за повозрасните пациенти коишто не живеат во урбани средини и немаат лесен пристап до здравствени установи, како и за лицата со попреченост.
„Телемедицината е нова област во која се користи врвна технологија за здравствени услуги на далечина. Денес, во време на целосна поврзаност, правиме голем чекор напред – го користиме целиот потенцијал на нашата експертиза и технолошки капацитети за потребите на граѓаните. Горди сме што сме пионери во регионот и што создадовме решение со кое на граѓаните ќе им пружиме подобра нега и поквалитетен живот“, изјави Марјан Богатиновски, главен комерцијален директор за деловни корисници на Македонски телеком.
Решението е имплементирано во првата пилот Општина Делчево, во пет здравствени установи, со исклучителни резултати. За краток временски период тоа им овозможи на матичните лекари да ја подобрат иницијалната терапија и дијагноза, како и на време да дијагностицираат прединфарктни состојби, што директно влијае на спасувањето животи.
Проектот е реализиран во рамките на програмата BACID (Градање административни капацитети во Дунавскиот регион), со финансирање од Австриската развојна агенција и имплементиран од Австриската асоцијација на градови и KDZ (Центарот за истражувања за јавна администрација), во соработка со NALAS (Мрежата на асоцијации на локални власти во Југоисточна Европа).
„Примената на овој здравствено-социјален сервис ја зајакнува социјалната кохезија преку негување на чувството за грижа и вклучување на исклучените граѓани. Тој ја намалува изолацијата и воспоставува врска со здравствениот систем, промовирајќи достоинство и независно живеење и покрај предизвиците со подвижноста на повозрасните лица во руралните области“, изјави Јана Белчева Андреевска од NALAS.
Решението за телемедицина е корисна алатка за подобра дијагностика, поефикасно лекување и унапредување на терапиите. Иновативното решение коешто се применува во Општина Делчево има потенцијал да се користи насекаде каде што е потребно далечинско следење на виталните параметри, вклучително и во амбулантните возила на Брза помош. Со поширока примена на ова решение значително ќе се подобри здравствената грижа и квалитетот на живот на повозрасната популација во земјата.