Во своето обраќање, Османи истакна дека приклучувањето на Македонија кон Центарот се случува во исклучително значаен момент кога целиот свет, вклучително и земјава се соочува со засилени хибридни напади, соопшти МНР.
„Приклучувањето кон Центарот ќе одигра исклучително важна улога во градењето и јакнењето на националните капацитети за справување со овој тип предизвици. Истовремено, нашето учество ќе претставува додадена вредност, како за Центарот, така и за земјите учеснички кои се воедно членки на ЕУ и НАТО, поради можноста за наш придонес во размената на информации, искуства и најдобри практики, преку учеството на наши експерти“, истакна Османи.
Тој нагласи дека Македонија како земја-членка на НАТО, активно и континуирано работи на подобрување на превенцијата, одговорот и справување со заканите кон критичната инфраструктура и клучните ресурси од јавниот и приватниот сектор, во што има значајна поддршка и помош од сојузниците и земјите-партнери. Истовремено, Центарот може да послужи и како платформа за засилена билатерална и мултилатерална соработка со земјите-учеснички од ЕУ, во сите сегменти и домени опфатени со неговите активности, што ќе биде значајно за процесот на нашата натамошна интеграција во ЕУ.
Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани е основан под покровителство на ЕУ и НАТО во 2017 година, и претставува независна меѓународна организација која вмрежува практиканти и експерти од земји членки на ЕУ и НАТО. Неговата мисија е да ја зајакне безбедноста на земјите-учеснички преку обезбедување експертиза и обуки, споделување на најдобрите практики, давање препораки, организирање вежби, како и тестирање на нови идеи и пристапи.