Денешниот натпревар против Ерменија е клучен за битката за првото место во групата. Македонија е лидер со седум бодови, три повеќе од Ерменците, со оглед на тоа што во случај на ист број бодови одлучува меѓусебниот дуел, нам ни одговара дури и пораз со еден гол разлика, но момците на Милевски ќе одат на уште една победа.
Македонија има шанса да испише и историја и првпат да врзе три натпревари без примен гол. Димитриевски ја сочува мрежата во претходните дуели со Ерменија во Скопје и Летонија во Рига, па денеска имаме можност да направиме нешто кое никогаш не ни успеало досега.
Во стројот се враќаат Зајков и Серафимов кои беа суспендирани поради картони за претходниот меч, неизвесен е настапот на Муслиу кој дуелот со Летонија го заврши порано поради повреда.
Ерменија е селекција со која постојано се среќаваме, досега имаме 14 меѓусебни дуели, седум пати сме победиле, четири пати сме загубиле, три средби завршиле нерешено.