Иранските актери создаваат страници за лажни вести и се претставуваат како активисти во последните месеци, поставувајќи основа за поттикнување на поделеноста и потенцијално влијание врз американските гласачи на изборите во ноември, особено во клучните држави, откри Мајкрософт во извештајот објавен во петокот.
Наодите во најновиот разузнавачки извештај на Мајкрософт покажуваат дека Иран, кој беше активен за време на претходните избори во САД, развива изборни тактики кои се очекува да имаат глобални импликации.
Извештајот оди подалеку од сè што објавија американски разузнавачки претставници, давајќи конкретни примери за тоа како работат иранските групи и актери.
Иранската мисија во ОН негираше дека има планови да се меша или да изврши сајбер напади на претседателските избори во САД.
Во извештајот не е наведено кои се намерите на Иран, освен да „предизвика хаос“ во САД, иако американските власти претходно посочија дека Иран е особено против поранешниот претседател Доналд Трамп.
Американските власти, исто така, предупредија на напорите на Техеран да бара одмазда за нападот врз ирански генерал во 2020 година, што го нареди Трамп.
Оваа недела, американското Министерство за правда објави кривична пријава против Пакистанец со врски со Иран, кој наводно планирал обиди за атентат врз повеќе американски функционери, потенцијално вклучувајќи го и Трамп.
Во извештајот, Мајкрософт открива и како Русија и Кина ја искористиле политичката поларизација во САД за да промовираат пораки за поделеност во изборната година.
Во извештајот на Мајкрософт се дадени четири примери на иранска активност што компанијата очекува и верува дека оваа бројка ќе се зголемува како што се приближуваат ноемвриските избори.