среда, 23 октомври 2024

Мадуро прогласи победа, опозицијата вети дека ќе ги оспори резултатите

Претседателот Николас Мадуро победи на претседателските избори во Венецуела, покажуваат делумните резултати објавени од изборниот совет.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на Националниот изборен совет (ЦНЕ) Елвис Аморосо, близок сојузник на Мадуро, рече дека по пребројувањето на 80 отсто од гласовите, претседателот Мадуро имал 51,20 отсто од гласовите, наспроти 44,02 отсто за неговиот главен ривал.

Опозицијата на Венецуела обвини за „широко распространета измама со пребројувањето на гласовите“ и вети дека ќе ги оспори резултатите. Се обедини зад кандидатот Едмундо Гонзалес во обид да го собори Мадуро по 11 години на власт.

Опозицијата распореди илјадници сведоци на избирачките места низ целата земја за да можат сами да ги пребројат гласовите. Сепак, портпаролката на коалицијата предводена од Гонзалес рече дека нивните сведоци биле „принудени да заминат“ на многу избирачки места.

Опозицијата, исто така, ги повика симпатизерите да бдеат во избирачките центри за да го следат процесот на броење во „одлучувачките часови“ по затворањето на гласачките места.

Анкетите на јавното мислење му дадоа на Гонзалес големо водство пред Мадуро.

Многу гласачи рекоа дека сакаат промени по 25 години од социјалистичката партија ПСУВ на власт – прво под водство на покојниот претседател Уго Чавез, а по неговата смрт под Николас Мадуро.

Гласањето во Венецуела е електронско. Гласачите во гласачката машина го притискаат копчето доделено на нивниот претпочитан кандидат. Електронските резултати се испраќаат до централата на ЦНЕ, но машината печати и хартиена потврда, која потоа се става во гласачка кутија.

Според законот, партиите можат да испраќаат сведоци на пребројувањето на овие хартиени потврди, кое се врши на секое избирачко место. Опозицијата рече дека добила пристап до помалку од една третина од испечатените потврди.

Нивниот план беше да ги следат тие резултати за да видат дали се во согласност со резултатите објавени од ЦНЕ.

Американскиот Едисон рисрч во излезната анкета предвиде 65 отсто од гласовите за Гонзалес и 31 отсто за Мадуро. Анкетата на венецуелската компанија Меганалисис предвиде само 14 отсто од гласовите за актуелниот претседател и 65 отсто од гласовите за кандидатот на опозицијата.

Лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо ја повика војската да се спротивстави на резултатите. „Порака до војската. Народот на Венецуела одлучи: не го сака Мадуро“, напиша Мачадо на Икс. „Време е да дојдете на вистинската страна на историјата. Имате шанса, сега“.

Војската на Венецуела го поддржува претседателот Мадуро, а воените претставници јавно не покажаа дека одлучиле да му ја скратат поддршката, забележува Ројтерс.

Министерот за одбрана генерал Владимир Падрино изјави дека вооружените сили ќе ги почитуваат изборните резултати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ