петок, 18 октомври 2024

Лукашенко вели дека нуклеарното оружје нема да се користи

Објавено на

часот

Сподели

Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин признаа дека дел од тактичкото оружје стигнал во Белорусија, а дека остатокот ќе биде поставен до крајот на годината.

Белорускиот претседател, во обраќањето по повод одбележувањето на националниот ден на поранешната советска република, кажа дека разместувањето на оружјето во Белорусија е „негова најцврста инцијатива“.

„Како што напредуваме, сè повеќе сме уверени дека тоа (нуклеарното оружје) мора да биде стационирано тука, во Белорусија, на сигурно место“, кажа Лукашенко.

„Сигурен сум дека никогаш нема да мора да ги користиме додека се тука. И ниеден непријател нема да стапне на нашата земја“, ги пренесува Ројтерс зборовите на белорускиот претседател.

Лукашенко, како и Москва, повеќе пати ги обвини западните земји дека се обидуваат да ја уништат неговата држава и вели дека нуклеарното распоредување е неопходно за одвраќање на потенцијалните агресори.

Тој претходно месецов кажа дека нешто од оружјето се наоѓа во Белорусија и во еден момент навести дека нема да се колеба да го употреби ако биде потребно, додавајќи дека ќе бидат потребни консултации со Русија.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во петокот кажа дека со распоредувањето не е прекршен Договорот за неширење на нуклеарното оружје од 1968 година бидејќи Русија ја задржува контролата над оружјето. Тој за руската агенција ТАСС кажа дека Русија била приморана на овој потег.

Лукашенко ѝ дозволи на Москва да почне дел од инвазијата на Украина во февруари 2022 од Белорусија и ја поддржа војната, посредувајќи во договорот од минатата недела да му се овозможи на шефот на приватната безбедносна компанија Вагнер Евгениј Пригожин и на неговите борци да ги префрлат операциите во неговата земја.

Во своето обраќање тој кажа дека истите белоруски опозициски политичари, сега главно во егзил, кои го осудија распоредувањето на оружјето, исто така ја критикувале изградбата на нуклеарната централа која Русија ја изгради во Белорусија.

„Го кажав ова и претходно… дека ако не знаете што да правите во онаа или оваа ситуација, а вашите непријатели викаат и прават галама, само направете го спротивното. Ако викаат дека нуклеарното оружје е лошо, направете го токму спротивното“, кажа Лукашенко.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу кажа дека ракети „искандер-М“ кои можат да носат и конвенционални и нуклеарни боеви глави, им се предадени на белоруските оружени сили, а некои авиони Су-25 се конвертирани за можна употреба на нуклеарно оружје.

Тактичкото нуклеарно оружје е оружје со помал ефект дизајнирано за употреба на бојното поле, за разлика од стратегиското способно да збрише цели градови.

Русија не откри колкаво количество тактично нуклеарно оружје има, пишува Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ