недела, 27 октомври 2024

Локални избори во Турција со силна амбиција на Ердоган повторно да го освои Истанбул

Во Турција во недела, 31 март, повеќе од 61,4 милиони гласачи на локалните избори ќе можат да изберат градоначалници во 81 турска покраина, во општините и градовите, вклучувајќи градоначалници на најголемите градови.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ќе се бираат на мандат од пет години градоначалници на 81 покраинска престолнина, како и членови на парламентите и советите на покраините и општините, па сè до ниво на месни заедници во најмалите села.

Се очекува најжестока борба да се води за мегалополисот Истанбул, каде право на глас имаат 12 милиони луѓе, пренесуваат агенциите.

Во Истанбул на изборите во 2019 кандидатот на опозициската Републиканска народна партија Екрем Имамоглу на општо изненадување со околу 800.000 гласови разлика го порази кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот Билнали Јилдирим.

Опозицијата на тие избори го освои и местото градоначалник на Анкара. Само во Истанбул за изборите на 31 март се пријавени 49 кандидати за градоначалник, што е најголем број во историјата на тој град.

Во Истанбул претходно на власт 25 години беше владејачката исламистичко-конзервативна Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, односно партии блиски до исламското движење Милим Горуш кои подоцна се претопија во АКП.

Водечката прокурдска партија ДЕМ прво кандидираше двајца кандидати за прв човек на Истанбул, но потоа ги повлече нивните кандидатури и соопшти дека во 22 истанбулски општини ќе го поддржат Имамоглу и кандидатите на неговата ЦХП. Аналитичарите сметаат дека тоа значително ќе му помогне на Имамоглу.

Според најновите анкети, Имамоглу е моментално со 41,9 отсто пред кандидатот на АКП, донеодамнешниот министер за екологија и урбанизам Мурат Курум, кого го поддржуваат 39,8 отсто од гласачите во Истанбул. Во Истанбул живеат околу 20 отсто од жителите на Турција.

Меѓутоа, за разлика од локалните избори во 2019 година, претстојните ги карактеризира силната амбиција на авторитарниот претседател Ердоган повторно да го освои Истанбул. Неговата партија АКП воедно со 12 милиони членови е и најсилната во земјата.

Низ Турција ќе бидат отворени 209.000 гласачки места, и тоа во училиштата, поради што учениците во понеделник нема да мора да одат на училиште.

Според турскиот закон, учеството на изборите е задолжително, и граѓаните кои нема да гласаат можат да бидат парично казнети. На парламентарните и претседателските избори во мај 2023 година казната за неизлегување на избори изнесуваше околу девет евра.

Изборите ќе ги обезбедуваат дури 594.000 припадници на полицијата, жандармеријата, крајбрежната стража и доброволци, соопшти турското министерство за внатрешни работи.

Истовремено, правните експерти обучуваат илјадници доброволни набљудувачи на изборите како да го надгледуваат почитувањето на изборните правила, да спречат измами и да обезбедат фер избори, пишува Асошиејтед прес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ