понеделник, 28 октомври 2024

Лојалистите на Трамп со расистички и вулгарни напади на собирот во Њујорк (ВИДЕО)

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп вчера предводеше предизборен митинг во Медисон Сквер Гарден во Њујорк, кој започна со серија вулгарни и расистички изјави од сојузниците на поранешниот американски претседател.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Собирот, кој се одржа на место познато по кошаркарските натпревари на Никс и концертите на Били Џоел, Трамп сакаше да го искористи за да го изнесе својот завршен аргумент против демократската претседателска кандидатка Камала Харис, иако државата Њујорк последен пат поддржа републикански претседателски кандидат во 1984 година.

„Би сакал да започнам со поставување на многу едноставно прашање. Дали ви е подобро сега отколку пред четири години?“ праша Трамп на почетокот на говорот. Толпата извика: „Не“. Тој потоа вети дека ќе ја спречи „инвазијата на криминалците кои доаѓаат во земјата“ доколку победи на изборите на 5 ноември, нарекувајќи ја Харис „личност со многу низок коефициент на интелигенција“.

Трамп, исто така, рече дека ќе му дозволи на поранешниот независен претседателски кандидат Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кој го поддржа и е еден од водачите кои ги шират теориите на заговор за вакцините, да „здиви“ во врска со здравјето, храната и лековите доколку биде реизбран.

Списокот од најмалку 20 клучни говорници се движеше од поранешниот професионален борач Хулк Хоган, до поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, до синовите на Трамп, Ерик и Дон Џуниор. Некои од нив користеа расистички и јазик на омраза во загревањето на публиката.

Руди Џулијани, поранешен градоначалник на Њујорк и поранешен личен адвокат на Трамп, лажно тврдеше дека Харис била „на страната на терористите“ во израелско-палестинскиот конфликт и дека сакала да ги доведе Палестинците во САД.

Комичарот Тони Хинчклиф употреби груби изрази, шегувајќи се дека Латиноамериканците „сакаат да прават бебиња“ и карипската американска територија Порторико ја нарече „пловечки остров од ѓубре“. Порториканскиот пејач Рики Мартин објави клип од неговиот говор на својот Инстаграм и напиша на шпански: „Вака мислат за нас“.

Порториканците се американски државјани, но оние што живеат на островот не можат да гласаат на општите избори во САД. Сепак, милиони Порториканци кои се преселиле во копнениот дел на САД можат да гласаат, а многумина се населиле во државата Пенсилванија. Претходно во неделата, Харис посети порторикански ресторан во Филаделфија, Пенсилванија за да ги охрабри луѓето да гласаат. Таа објави видео на социјалните мрежи во кое ветува дека ќе „инвестира во иднината на Порторико“ како претседателка.

Друг говорник, радио водителот Сид Розенберг, го започна својот говор со напад на Хилари Клинтон.

„Таа е болно ѓубре, таа Хилари Клинтон, а?“ рече тој. „Тотално болна кучка“, додаде тој.

Розенберг потоа го сврте своето внимание кон мигрантите кои живеат во Њујорк. „Имате бездомници и ветерани – Американци, Американци – кои спијат во својот измет на клупа во Централ Парк“, рече Розенберг. „Ама е*аните илегалци, добиваат што сакаат, нели?

Американскиот милијардер Илон Маск, кој ја поддржува кандидатурата за реизбор на Трамп на својата платформа Икс, со огромно богатство и парични подароци кои веќе покренаа некои правни прашања, беше пречекан на сцената со скандирања „Илон“. „Ова е вид на позитивна енергија каква што е Америка“, рече Маск.

Маск, за кого Трамп рече дека би го избрал да ја предводи новата владина комисија за ефикасност, рече дека федералниот буџет може да биде намален за „најмалку“ 2 трилиони долари. Расходите на американскиот буџет надминаа 6,75 трилиони долари во фискалната 2024 година, која заврши на 30 септември.

Трамп доби овации во арената поради својата остра реторика против мигрантите. Тој вети дека ќе ги забрани градовите-засолништа и ќе се повика на Законот за надворешни непријатели од 1798 година за да ги депортира имигрантите со криминални досиеја. На собирот тој најави и нова политика на даночен кредит за семејните негуватели „кои се грижат за родител или блиско лице“.

Кампањата на Трамп соопшти дека собирот во неделата во арената со 19.500 седишта, која може да чини повеќе од 1 милион долари за изнајмување, била распродадена. Билетите биле бесплатни и се давале по принципот кој „прв дојде“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ