вторник, 22 октомври 2024

Лидерот на Северна Кореја прегледувал воени бродови, засилени се воените подготовки

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун прегледувал воени бродови во рамки на новата кампања за поддршка на поморските сили додека неговата земја ги засилува своите воени подготовки, јавија денес севернокорејските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За време на посетата на бродоградилиште во местото Намфо, пристанишен град околу 65 километри југозападно од Пјонгјанг, Ким ги прегледал воените бродови во изградба, како и подготовките за „големиот нов план“ кој го прокламира владејачката партија. Не се објавени детали за планот.

„Јакнењето на поморските сили во моментов е најважното прашање за сигурна одбрана на поморскиот суверенитет на земјата и интензивирањето на воените подготовки“, кажал Ким.

Севернокорејскиот лидер „изрази надеж дека работниците на бродоградилиштето ќе успеат да ги изградат најголемите светски воени бродови“.

Подморница на нуклеарен погон беше на листата на стратегиско оружје на Ким на големиот конгрес на владејачката партија во 2021 година, заедно со хиперсонична боева глава, шпионски сателити и интерконтинентални балистички проектили на цврсто гориво.

Ким Џонг Ун, кој неодамна ја означи Јужна Кореја како „главен непријател“, ги распушти владините агенции посветени на повторно обединување и контактите со Сеул. Се закани дека ќе објави војна ако неговиот сосед упадне на негова територија, дури и на дел од милиметар.

Тој претходно неделава го пофали неодамнешното пробно лансирање крстосувачка ракета испукана од подморница, нарекувајќи го пресвртница за развојот на поморската моќ на Северна Кореја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ