четврток, 24 октомври 2024

Лидерите на ЕУ за проширувањето во 2030 година: „Мора да имаме цел, бидејќи време немаме“

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, порача дека 2030 година не е прецизен датум за проширување на Унијата, но дека е добро да се има цел и хоризонт, бидејќи се нема време.

Објавено на

часот

Сподели

„Добро е да се има цел и хоризонт. Тоа е политички хоризонт и целта на одредувањето на датумот е да се мобилизира политичката енергија за да се покренат работите“, рече Борел во пресрет на неформалниот самит на Европскиот совет во Гранада.

Тој подвлече дека е добро да се има хоризонт и цел, но тоа не значи дека е прецизен датум.

„Ако немаме хоризонт, луѓето ќе мислат дека имаме време. Не, немаме време, процесот на проширување трае предолго, сега Украина дојде како нов кандидат и ги покрена сите земји што стојат во редицата, а таа редица ќе почне и ќе се движи побрзо“, рече Борел.

Шарл Мишел: Проширувањето значи реформи

Претседателот на Европскиот совет изјави дека денешната средба во Гранада ќе биде важна, бидејќи, како што рече, таа е почетна точка на дебатата за стратегиската агенда.

„Треба да се разјаснат неколку работи: прво, да видиме што сакаме во иднина, кои се нашите приоритети, кои се нашите заеднички политики, имајќи ги предвид изгледите за проширување. Втората е да видиме како ќе одлучуваме заедно, а третата работа е како да ги платиме нашите приоритети и заеднички иницијативи во иднина“, објасни Мишел.

Проширувањето, според него, значи дека има реформи што кандидатите треба да ги спроведат.

„Тие знаат што треба да направат и ние мора да се подготвиме за тоа. И ова е прв пат по многу години да имаме дебата на толку високо ниво за толку клучни и чувствителни прашања“, додаде тој.

На прашањето дали ЕУ е подготвена за проширување, Мишел одговори: „Ако ја започнеме оваа дебата, тоа е затоа што разбираме дека треба да се подготвиме, а трите прашања што ги споменав се основа за оваа политичка, демократска дебата“.

Урсула фон дер Лаен: Заемна корист од проширувањето

Претседателот на Европскиот совет потсети дека Унијата има долга историја на проширување и дека оние што сакаат да ѝ се приклучат мора да бидат подготвени за тоа.

„Но искуството од претходните проширувања на ЕУ покажа дека двете страни имаат огромна корист од проширувањето. Не само земјите што пристапуваат, бидејќи нивниот животен стандард брзо се подобрува, туку и ЕУ има огромна корист од проширувањето. Нашата најголема сила е нашиот заеднички пазар и проширениот пазар има огромна додадена вредност за сите нас“, рече Мишел.

Роберта Мецола: Она што функционира кога сме 27, нема да функционира кога ќе бидеме 35

Вчера во Гранада се одржа самитот на европската политичка заедница, кој, според претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, бил можност да се разговара за проширувањето со партнерите и соседите на ЕУ.

„Истовремено, мораме да се реформираме и мислам дека е крајно време за разговори во ЕУ, да видиме што треба да направиме, бидејќи она што функционира кога сме 27, нема да функционира кога ќе бидеме 32, 33 или 35“, рече Мецола во пресрет на денешниот самит на Европскиот совет.

Според неа, ЕУ мора да биде покредибилна во тој процес, а убедена е дека вчерашниот ден, како што рече, ги дал вистинските импути за да може да се завршат сите дискусии навреме за самитот на Европскиот совет во октомври и декември.

Говорејќи за тоа кои се најголемите достигнувања за проширувањето на Унијата, претседателката на Европскиот парламент рече дека треба да се почекаат извештаите за сите земји-кандидати, но дека е јасен ставот на институцијата чиј претседател е.

„Кога ќе се исполнат сите услови, треба да се оди на следниот чекор. Ако има позитивен развој, тоа значи дека треба да започнеме преговори. Мора да ја разгледаме ситуацијата во Украина и Молдавија, каква е состојбата во земјите од Западен Балкан. Им го должиме тоа: Не можеме само да дојдеме овде и да се сретнеме со нашите колеги од тие земји и да заминеме повторно и некогаш повторно да се сретнеме“, рече Мецола.

Таа истакна дека е посветена на ова, и дека смета дека ист став имаат и нејзините партнери во институциите на ЕУ.

„Секогаш ни беше јасно – кога ќе се исполнат сите услови, ќе се спроведат следните чекори, никој не треба да остане запоставен“, заклучи Мецола.

Германија и Франција неодамна ги презентираа резултатите од работата на група експерти со предлози за функционирање на ЕУ со 30 или повеќе членки.

Препораките на групата наведуваат дека ЕУ треба да има цел да биде подготвена за проширување до 2030 година, а кандидатите за пристап треба да работат на исполнување на критериумите за пристап во ЕУ до овој најран датум за влез.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ