сабота, 19 октомври 2024
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Лични граници – зошто е здраво да кажеме „не“

Границите нѐ штитат и нѐ одвојуваат. Нѐ задржуваат внатре или нѐ држат надвор. Личните граници ни даваат чувство на сигурност со кое се штитиме себеси, а со тоа и другите.

Границите дефинираат одредена целина и имаат заштитна функција. Истовремено се точки на одвојување и спојување на целината со нејзината околина. Исто важи и за личните граници.

Што се лични граници?

Личните граници се ограничувања што си ги поставуваме себеси во врска со нашето однесување, размислување и нашите чувства за да се заштитиме од повредување. На тој начин креираме за себе простор и рамка во која се чувствуваме добро и безбедно, и во кој можеме непречено да функционираме. Со помош на личните граници дефинираме кои сме (што сме и што не сме), што сакаме и прифаќаме, а што не сакаме и не прифаќаме.

„Границата“ е еден од важните поими во Гешталт-терапијата. Таа има две функции – со помош на неа да правиме разлика помеѓу себе и другиот и да се поврзуваме со другите луѓе. Затоа е важно границата истовремено да биде и цврста и попустлива – цврста за да ја задржиме својата автономија, а пропустлива за да имаме размена со околината, вели Гари Јонтеф, клинички психолог и гешталт-терапевт.

Лични граници и релации со другите луѓе

Личните граници се основен концепт за здрав развој. Многу наши постапки се врзани за заштита на нашите лични граници, или укажуваат дека не водиме сметка за своите граници, било да сме свесни за тоа или не. Избегнувањето одредени луѓе и места има функција на заштита на нашите лични граници. Кога прифаќаме нешто што не сакаме и што порадо би го одбиле, ние не се грижиме за своите граници.

Овие однесувања се поврзани со личните граници. Го менуваме своето однесување и го стеснуваме својот свет во настојувањето да се чувствуваме безбедно, сигурно, сакано или прифатено. Без добро дефинирани лични граници имаме многу малку дозвола да кажеме „не“ и „не сакам“ во нашите животи. Кога сметаме дека не можеме да кажеме „не“, се ставаме себеси во позиција премолчано да се согласиме, да се криеме или да реагираме со самодеструктивно однесување.

Самозаштита

Личните граници ни се неопходни за да се заштитиме себеси. Доколку не поставиме здрави лични граници, ќе имаме доживување дека немаме контрола над сопствениот живот и дека зависиме од постапките на другите луѓе и надворешните околности.

Болката и нејзината улога

Болката ни укажува дека нешто не е во ред. Имаме избор како ќе реагираме. Можеме да избереме да се фокусираме на неа и да станеме свесни што нѐ боли. Кога ќе освестиме што нѐ боли и што не е во ред, во позиција сме да бараме и пронајдеме решение на ситуацијата што кај нас предизвикува болка. Доколку избереме да ја игнорираме, болката продолжува да расте. Болката има функција да го привлече нашето внимание како аларм што се засилува. Кога премногу ќе нарасне и кога повеќе не можеме да ја игнорираме, бараме начин да ја исклучиме. Ова е точка кога најчесто настапува самодеструктивното однесување, главно во форма на компулсивно или зависничко однесување што ја умртвува болката. Тука спаѓаат нарушувања во врска со исхраната, самоповредување, злоупотреба на психоактивни супстанци вклучувајќи и алкохол, коцкање.

Болката и личните граници

Воспоставувањето лични граници бара од нас да бидеме свесни за болката. Ако можеме да чувствуваме, можеме да поставиме и лимити на одредено искуство. На тој начин преземаме одговорност за себе и се штитиме на време. Болката се јавува кога ни се повредени личните граници. Во нашиот јазик постојат и јазички изрази што говорат во прилог на ова тврдење – „ја премина границата на добар вкус/воспитување/однесување“, „ги преминува сите граници на толеранција“ итн.

Психотерапијата и личните граници

Психотерапевтот може да ни помогне да го рефокусираме нашето внимание, да станеме свесни за различните алтернативи и да добиеме нови информации. Согледувањето на ситуацијата од повеќе агли, откривањето различни алтернативи и стекнувањето нови сознанија ни помагаат да ги преиспитаме старите и да донесеме нови одлуки. Психотерапијата и работата на себе може да бидат можност да ги откриеме своите лични граници и да научиме да ги чуваме. На тој начин се чуваме и се штитиме себеси, а со тоа и другите. Бидејќи само тогаш кога ќе научиме да ја препознаваме светоста на своите и туѓите граници, можеме искрено да делиме и соработуваме со другите. Секој свој, а среќни заедно.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ