Новата Влада предводена од ДПМНЕ, исто така, велат од Левица, одбива да застане одлучно во одбрана на националните интереси и нема преземено ниту еден чекор за поништување на штетните последици од Францускиот предлог, кој предвидува историски ревизионизам, менувања на учебници, споделување на државна архива, отворање на фашистички клубови, за на крај, повторно од бугарското вето да зависи продолжувањето на европскиот пат, за кое Македонија се принудува на уставни измени, посочуваат од партијата.
„Со оглед на историјата на ДПМНЕ на учество во национални предавства и нивната директна улога во задушувањето на народниот револт и протест против Францускиот предлог, како и предизборното ветување на нивниот коалиционен партнер ЗНАМ на Максим Димитривски за внесување на Бугарите во Уставот во првите 200 дена од доаѓањето на власт, Левица останува будно да го следи секој чекор на новата Влада и жестоко ќе се спротистави на било какви обиди за нови национални предавства! Како и претходно, и денес Левица повторно укажува дека уставните измени, апсолутно, не гарантираат продолжување на интеграцискиот пат во ЕУ за Македонија! Доколку се случат овие измени, повторно ќе се отвори патот за бројни бугарски барања (како што се отворија со Договорот за добрососедство) и Бугарија повторно ќе може да го користи правото на ВЕТО за секое наредно поглавје, а следејќи ја нивната политика повеќе од сигурно е дека во иднина ветото ќе продолжи да биде злоупотребувано“, се наведува во соопштението на Левица.
Левица останува на ставот дека евро-интеграциските процеси треба да продолжат, исклучително, преку призмата на внатрешните реформи и Копенхашките критериуми, каде Македонија ќе биде третирана еднакво, како и останатите земји кои станале дел од европското семејство.
„ЕУ не смее да дозволи Бугарија да ги злоупотребува интеграциските процеси за реализација на своите империјалистички и шовинистички политики! Како глас на народот во Собранието продолжуваме да ја застапуваме волјата на 80 отсто од Македонците кои се против Францускиот предлог!“, велат од Левица.