четврток, 24 октомври 2024

Лајчак ги повика Белград и Приштина за состанок за динарот

Портпаролот на Европската Унија Петер Стано потврди дека специјалниот претставник за дијалогот, Мирослав Лајчак, планира да организира рунда состаноци следната недела со Белград и Приштина за да се расправа за одлуката на косовската централна банка да го укине користењето на динарот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Стано потврди дека Лајчак испратил покана до Приштина и Белград за состанок кој требало да се одржи на 27 февруари.

„Обично не ја коментираме преписката со партнерите. Меѓутоа, во поканата на специјалниот претставник на ЕУ Лајчак не е прецизирано кој треба да ги претставува Косово и Србија – тоа им е препуштено на страните“, објасни Стано во соопштение.

Овие коментари на бриселскиот портпарол доаѓаат откако вчера главниот косовски преговарач, Бесник Бисљими, им кажа на новинарите дека го одбил повикот на Лајчак, објаснувајќи дека тоа не е состанок на кој мора да оди главниот преговарач, бидејќи, според него, „прашањето на динарот не е дел од дијалогот“.

Меѓутоа, Стано тврди дека поканата испратена од кабинетот на Лајчак следела откако за динарот веќе се разговарало на маргините на Минхенската безбедносна конференција, каде шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел имал одвоени средби со косовскиот премиер Аљбин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

„Со други зборови, ЕУ се обидува да помогне во наоѓањето решение за проблемот кој настана со некоординирана одлука на едната страна, која не му е однапред соопштена на погоденото население. Се надеваме дека Бисљими ќе го цени трудот наместо непримерно и неосновано да ги обвинува функционерите на ЕУ. Таквото однесување е неприфатливо“, порача Стано.

Додаде дека дијалогот е единствената платформа за наоѓање сеопфатни и одржливи решенија за прашањата меѓу Приштина и Косово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ