понеделник, 25 ноември 2024
Прес-конференција на СДСМ

Кузеска: Скандалот е голем, границата била отворена за Гаши, неговата свита и свадбарската колона

Скандалот со самоволието на коалицискиот партнер на Христијан Мицкоски, Африм Гаши, е уште поголем, а треба да одговара министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бидејќи и Гаши и службените возила, но и приватните возила од свадбарската колона биле пропуштени преку границата без никаква контрола, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Објавено на

часот

Сподели

„Она што досега го знае јавноста, е дека партнерот на Мицкоски, Африм Гаши приватно со цела свита обезбедување бил на свадба во Косово со службено возило. Но ова е само мал дел од скандалот. Тоа што се крие од јавноста е уште поголем проблем за кој дебело треба да одговара Тошковски. Станува збор за тешка злоупотреба на граничниот премин Блаце и пропуштање на приватни возила и лица без контрола кои патувале во поворка заедно со Гаши и сватовите“, рече Кузеска.

Таа нагласи дека според информациите кои од свиркачи се доставени до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата.

„Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без конторла. Според информациите кои ги добивме, поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен траспорт без да бидат застанити. Да биде скандалот уште поголем, во возилата каде се што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите односно приватни лица што е законски недозволено“, рече портпаролката на СДСМ.

Тоа значи, дека границата со Блаце била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници, нагласи Кузеска и потенцира дека на тој начин била нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон.

„Целосен башибозук и газење врз законите, институциите и достоинството на државата. Државната граница се третира како партиска своина на Вреди и ВМРО-ДПМНЕ. Срам за една држава“, рече Кузеска.

Таа го постави прашањето кој ја издал наредбата:

„Дали лично Гаши или Тошковски? Кој од МВР бил одговорен да го организира ова своеволие? Бидејќи, јасно е дека без команда да се пропуштат возилата ова не можело да се случи. Дали контролата на границата кон Косово е целосно препуштена на партиските структури на Вреди? Кој гарантира што сè поминало низ границата во приватните возила“?

Портпаролката Кузеска порача дека СДСМ бара сериозна истрага од Јавното обвинителство и одговорност од сите инволвирани.

„Бараме Тошковски да поднесе оставка или да биде разрешен во најкратка постапка. Бараме внатрешна контрола да утврди одговорност на сите кои ги пречекориле овластувањата во МВР, а Јавното обвинителство да понесе соодветни кривични пријави“, рече Кузеска.

Таа оцени дека стана јасно зошто вчера ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија го бранеше Гаши за овој скандал.

„Тоа е затоа што истиот не можел да се случи без поддршка од МВР и раководни структури во министерството. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски се фасцилитатори на ова каубојско однесување и треба да одговараат“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ