Оваа уметничка акција, како што појаснуваат од Ценарот, претставува просторна интерактивна уметничка акција и интервенција преку која ја третираат и потенцираат важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции.
„За жал лажните вести се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуват голем број граѓани. Преку оваа интерактивна акција во која публиката директно се предупредува за постоењето и намерата на лажните вести, а куклата робот го објаснува начинот на кој тие се презентираат и влијаат на јавноста Центарот за современи уметности директно користејќи ја уметноста и уметничкиот израз активно се вклучува во борбата против лажните вести кои одвнатре го нагризуваат нашето општествто насочувајќи ги граѓаните кон погрешни заклучоци“, велат од Центарот за современи уметности.
Роботот во своето обраќање до публиката потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци кои влијаат на однесувањето на јавноста, водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника и намалување на довербата во медиумите. Куклата робот, исто ги предупредува граѓаните и дека лажните вести се користат и за политичка манипулација и влијание врз јавното мислење.
Куклата е изработена од младиот уметник Озбек Ајваз и има вградени интерактивни сензори и звучници преку кои куклата ја раскажува приказната како да се заштитиме од лажните вести и како да ги раздвоиме лажните и вистинските вести и информации.
Куклата робот е поставена на влезот на ГТЦ од страната на плоштадот, а во наредниот период ќе биде поставена и на други фреквентни локации каде минувачите ќе имаат можност за кратка интеракција со роботот.