Трансродовите лица се системски дискриминирана и дехуманизирана заедница, која секојдневно се соочува со прекршувања на права, но и насилство, порачаа од КСЗД.
„Системската дискриминација кон трансродовите лица најнапред е видлива преку отсуството на законско решение за правно признавање на родот – постапка за промена на личното име, матичниот број и ознаката за пол во личните документи. Оваа постапка, согласно потребите на заедницата и меѓународните стандарди, мора да биде транспарентна, достапна и заснована на самоопределување, односно не смеат да се наметнуваат медицински критериуми за да се овозможи промена на документите. За правната рамка да соодветствува на потребите и да се прилагоди на различните реалности, неопходно е додавање на трета категорија на родово-небинарни лица во личните документи, со цел, луѓето кои не се идентификуваат со категориите маж/жена да добијат соодветно правно признавање на нивниот род и родов идентитет. Апелираме до Владата и Собранието, во најкус можен рок, да ги донесат предложените измени на Законот за матична евиденција, со што ќе ја спроведат и пресудата на Европскиот суд за човекови права ИКС против Македонија“, велат од КСЗД.
Според Комисијата, недостатокот на правна рамка за правно признавање на родот за трансродовите лица значи исклучување од пазарот на труд, дискриминација во пристапот до добра и услуги, неможност да се дојде до домување и здравствена услуга под исти услови како останатите и ред други ризици за повреди на права.
Од КСЗД велат дека социјалното исклучување ги изложува транродовите лица на невработеност, сиромаштија, насилство од омраза и семејно насилство, нарушување на здравјето и добросостојбата. Како доказ посочуваат на три предмети на утврдена дискриминација кон трансродови лица во вработувањето и пристапот до добра и услуги.
„Неприфаќањето, булирањето и насилството во образованието е клучен проблем кој остава трајни последици кон менталното здравје, самодовербата и можноста за реализација на сопствениот потенцијал. Тоа е воедно и причина за прерано напуштање на образовниот процес, пречка за еднакво учество во образованието и за искористување на можностите кои тоа ги нуди. Дискриминација во областа на образованието врз основа на родов идентитет е утврдена во три случаи пред Комисијата. Апелираме до Министерството за образование и наука да ја зајакне законската рамка и капацитетите на образованите институции за спроведување на програми за превенција и заштита на учениците од насилство, да ги отстрани дискриминаторските содржини и да воведе афирмативни содржини со кои се промовира еднаквост врз основа на род и родов идентитет“, велат од КСЗД.
Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација согледале трендот на сѐ почесто користење на говор на омраза, вознемирувачки говор, повикување и поттикнување дискриминација врз основа на родов идентитет. Комисијата утврдила дискриминација врз основа на родов идентитет во областа на јавното информирање и медиумите во 37 случаи, односно 86 отсто од случаите на утврдена дискриминација врз основа на родов идентитет. Изворите на овој говор се најчесто страници на социјалните мрежи и здруженија кои ја злоупотребуваат слободата на изразување и здружување за ширење невистини, говор на омраза и дехуманизирање на трансродовите луѓе.
„Воедно, загрижува трендот на мобилизирање на верските заедници против остварување на основните човекови права на транс луѓето. Потсетуваме дека ваквиот говор спаѓа во категоријата на незаштитен говор од слободата на изразување и истиот треба да биде предмет на сразмерна санкција“, порачуваат од КСЗД.