„Спремни сме да поздравиме сѐ што може (да овозможи) да се приближи крајот на конфликтот во Украина… И да доведе до остварување на целите што Русија си ги постави себеси“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Портпаролот на Кремљ изјави дека нема планови за телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во блиска иднина, еден ден по разговорот на кинескиот лидер со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски рече дека имал „значаен“ телефонски разговор со кинескиот претседател, сојузник на Москва со кого тој со месеци сакал да разговара.
Песков денеска рече дека Русија е запознаена со деталите за тоа што разговарале двајцата лидери и рече дека нивните ставови за конфликтот се добро познати.
„Подготвени сме да поздравиме сѐ што може да го забрза крајот на конфликтот во Украина и Русија да ги постигне сите цели што сама си ги постави“, рече Песков за нивниот телефонски разговор, пренесе Ројтерс.
„Што се однесува до фактот дека тие комуницирале – тоа е суверена работа за секоја од овие земји и прашање на нивниот билатерален дијалог.“
Запрашан дали при неодамнешната посета на кинескиот лидер во Москва Русија и Кина разговарале за враќање на Украина на нејзините граници од 1991 година, Песков рече:
„Немаше дискусија за тоа.“