петок, 18 октомври 2024

Кредиторите пристигнаа во Атина, Грците пак на улица

Објавено на

часот

Сподели

Грција е втор ден сардисана од протести во момент кога претставници на меѓународните кредитори пристигнуваат во Атина за одлучувачки разговори околу плановите да се отпишат 50 отсто од државниот долг.
Преговорите околу растечките долгови на Грција се очекува да бидат придружени од протестанти, кои ги обвинуваат кредиторите дека ја држат земјата во заложништво и ја уценуваат со огромни камати.
Десетици илјади работници уште вчера излегоа на штрајк на улиците на главниот град, во првата масовна прошетка во 2012, извикувајќи „Долу владата на Пападемос тука и сега!“
Претставниците на ЕУ, кои пристигнаа во Атина со претставниците на Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка, се познати по тоа што сакаат брз договор со цел да се избегне грчки дефолт (неисполнување на преземените обврски кон кредиторите).
Тимот предводен од претставници на Институтот за меѓународни финансии ќе се сретне со владините преговарачи за да сковат договор, што не им успеа минатата недела по неколкудневно состанчење.
Претставниците на ЕУ се скептици во врска со постигнувањето договор откако грчките преговарачи побарале „нереално“ ниски камати за пречекорените исплати на долговите.
Привремената грчка влада одговори на обвинувањата дека Атина нема ниту волја ниту умешност да спроведе економски реформи со категорично отфрлање на можноста земјата да пропадне во незгоден дефолт.
Јоргос Пагулатос, советник на премиерот Пападемос, го истакна досегашниот напредок: „Во последните две години примарниот дефицит е редуциран за речиси 20 милијарди евра, што е европски рекорд“. Посочувајќи на отпуштањето на 132.000 државни службеници од почетокот на 2010, тој кажа: „Вкупните трошоци во јавниот сектор се исто така драстично намалени“.
Централно место во преговорите со Атина ќе има размената на постојните грчки обврзници со нови од помала вредност, а крајната цел е да се намали долгот на Грција за 100 милијарди евра.
Размената на обврзници е клучна бидејќи е предуслов за втората финансиска помош од 130 милијарди евра за Грција. Меѓународните спасувачи на земјата, тројката Брисел, ММФ и ЕБ, предупредија дека нема повеќе да ѝ помагаат доколку не е договорена размената на обврзници.
Тоа значи дека на Грција може да ѝ се случи дефолт на долгот кон крајот на март кога таа треба да исплати обврзници во вредност од 14,5 милијарди евра, што има потенцијал да ја загрози финансиската стабилност на целата еврозона.
Како додаток на притисокот врз Грција, се очекува инспекторите од тројката да ја притиснат Владата да ги забрза реформите за штедење.
Околу 10.000 протестанти во центарот на Атина демонстрираат против потенцијалните намалувања на платите во приватниот сектор, измачен од кризата. Антиштедачките штрајкови во главниот град го нарушија јавниот транспорт и другите услуги, додека новинарските здруженија исто така почнаа 48-часовен штрајк.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ