понеделник, 28 октомври 2024
Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел

Ковачевски: Залажувањето дека Преговарачката рамка може да се смени не носи никому добро

Да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните дека се можни промени во однос на Преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот од тоа нема да има корист за никого, порача денеска во Брисел премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за коментар на синоќешната изјава на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дека иако проширувањето е процес базиран на заслуги, сепак во носењето одлуки за него мора да се води сметка за комплексноста на ситуацијата во Европа. Што се однесува до претстојните двојни избори, Ковачевски рече дека обврска на Парламентот и на политичките партии застапени во него е да го комплетираат составот на Државата изборна комисија (ДИК), а „сѐ друго е импровизација која може да стави дамка на изборниот процес“.

Објавено на

часот

Сподели

„Апсолутно тоа е изјава која што претседателот на Европскиот совет не ја кажува првпат, туку ја има кажано неколку пати. Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година. исто како што ние имаме цел до 2030 година во однос на реформите коишто треба да се донесат“, изјави Ковачевски на прес-конференција на крајот на неговата дводневна работна посета на Брисел, каде вчера учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан. 

Тој потенцира дека единствен отежнувачки фактор зошто не е одржана втората Меѓувладина конференција на земјава со ЕУ, која што е јасно наведена во заклучоците, е антиевропската, анти-ЕУ, анти-НАТО и проруска коалиција во Македонија.  

„Штом бидат спроведени амандманите на Уставот, што се од техничка природа, тогаш ќе биде одржана втората Меѓувладина конференција. Секако дека овој прозорец на можност којшто го имаме не треба да се пропушти“, изјави Ковачевски, додавајќи дека во 2008 година бевме сведоци кога беше одложен приемот на Македонија во НАТОА што се случи на Самитот во Букурешт, Романија, а денес сме сведоци на тоа што се случи во Брисел и заради кого се случи тоа.   

Според премиерот, оваа негова работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку и “можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека продолжуваме по европскиот пат, но се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“. 

„Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство. Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам и популизам, што доведе до целосно заробена држава. Нека им служи на чест на овие партии, а на граѓаните да им служи на ум“, додаде Ковачевски. 

Сепак, според него, и покрај сето ова во Брисел имало позитивни дискусии за Македонија и за нејзина натамошна поддршка.

Премиерот Ковачевски додаде дека Самитот ЕУ-Западен Балкан била одлична можност на највисоко ниво да се говори за заедничката европска иднина на земјите од Западен Балкан.

„Како Влада работиме напорно со цел да ја оствариме нашата стратешката цел – членство во ЕУ до 2030 година. Да обезбедиме подобар, достоинствен живот дома, со повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, подобро образование, здравство, да обезбедиме европски стандарди и европски вредности, но дома“, рече Ковачевски, додавајќи дека пред политичарите понекогаш стојат тешки задачи, но граѓаните им ја даваат довербата за да ги донесат на вистинскиот пат на просперитетна иднина, квалитетен живот, безбедна земја и економски стабилна. 

Според него, Самитот претставувал можност лидерите на ЕУ и на земјите од регионот отворено да разговараат и за соработката за надминување на заедничките предизвици.

Тој нагласи и дека со својата стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ, засилената заложба за спроведување на реформите, како и меѓународната поддршка која секојдневно ја добива, земјава не смее да се откаже од европската интеграција. 

Што се однесува до претстојните двојни избори, Ковачевски рече дека обврска на Парламентот и на политичките партии застапени во него е да го комплетираат составот на Државата изборна комисија (ДИК), а „сѐ друго е импровизација која може да стави дамка на изборниот процес“.

Ковачевски повика да се почитува законот за застапеноста на политичките партии во ДИК.

„Составот и бројот на членови на ДИК е наведен во закон и ние не може истиот да го толкуваме. Обврска на Парламентот и на политичките партии застапени во него е да го комплетираат составот на ДИК, сѐ друго е импровизација која може да стави дамка на изборниот процес. Законот за застапеност на политичките партии треба да се почитува, исто како што треба да се почитува и законот во делот на техничката влада“, рече премиерот Ковачевски на новинарско прашање во врска со обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција дека власта прави опструкции за изборот на член на ДИК кој би требало да дојде од редовите на албанската опозиција.

По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата. Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања на вчерашната седница ја утврди листата на кандидати за член на ДИК и таа треба да се најде на пленарна седница.

За време на работната посета, премиерот имал повеќе кратки средби, меѓу кои со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, како и со повеќе негови колеги од земјите од регионот и членки на Унијата со кои разговарал за европската иднина на државата и за заедничката подготвеност да се одговори на сите предизвици.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ