Ковачевски вели дека овојпат земјата не е пред вето однадвор, туку такво нешто може да дојде одвнатре.
„Ако ветото за Северна Македонија за евроатлантските интеграции досега доаѓаше од надвор, денес ветото за првпат може да дојде одвнатре, од политички партии кои декларативно кажуваат дека се за интеграција, а историски имаат докажано дека се против евроатлантските интеграции. За првпат имаме политичари, по 32 години независност, кои велат дека европската агенда не е иста со македонската. Тоа досега го нема кажано ниту еден политичар. Тоа значи дека има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата“, рече Ковачевски кој порача дека странци не можат да завршат работа во земјава, туку само македонски политичари, без разлика од која партија доаѓаат.
Со ваквата изјава за руски ботови премиерот Ковачевски многу ги потценува македонските граѓани, а најмногу македонскиот народ, одговори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
„Големото мнозинство Македонци се против отворањето на Уставот заради понижувачките услови кои лекомислено ги прифати премиерот, со кои Македонија е доведена во потчинета положба, а процесот на евроинтеграции е доведен во состојба на крајна неизвесност.
Ковачевски нема ниту изборен легитимитет, ниту политички капацитет за да постигне национален консензус за решавање на проблемот кој го создаде. Македонците во Македонија не се руски ботови, туку достоинствен народ кој со право реагира со фрустрации кон лошата политика која ја води Ковачевски и во дипломатијата, и во образованието, и во економското назадување.
Ако веќе Ковачевски сака да се занимава со руски ботови нека си ги праша службите:
кои функционери од СДСМ му овозможија на Онишченко да добие македонско државјанство и кои функционери од ДУИ го примија на највисоко ниво Абдул–Вајед Нијазов поранешен пратеник во руската Дума и основач на здружението ‘Муслиманите во поддршка на претседателот Путин’”, напиша на својот фејсбук профил Милошоски.