четврток, 24 октомври 2024
Економски видувања на премиерот

Ковачевски: Подобро е отколку во 2016 година, а в година невработеноста ќе биде едноцифрена

„Во 2016 година имавме 25 проценти невработеност, сега изнесува 12,8 отсто, а 2025-та година очекувам да биде прва година кога земјава ќе има едноцифрена невработеност, Просечната плата изнесува 650 евра што е значително повеќе од износот тогаш, а минималната плата изнесуваше само 8.000 денари, додека во март годинава ќе порасне на 23.000 денари“. Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски кој во споредбите од годината кога ВМРО-ДПМНЕ замина од власта, наведе и податок дека странските инвестиции во паричен износ се зголемиле за три и пол пати.

Објавено на

часот

Сподели

„Економските перформанси на државата се подобрени. Сите параметри во Буџетот тоа го покажуваат. Оваа година ќе биде подобра од претходната, ќе продолжи растот на платите и на пензиите“, рече Ковачевски кој очекува Македонија да остане, како што нагласи, значајна дестинација за странски инвеститори „кои нема да доаѓаат за евтина и многубројна работна сила бидејќи и на пазарот веќе не постои расположлива неограничена работна сила“, рече Ковачевски.

Според него, добро е што Буџетот има развојна компонента, со дефицит помал од инвестициите. Посочи и дека БДП е значително пораснат во однос на минатото.

„Ако го погледнете нивото на странските директни инвестиции, тоа беше во 2016 година кумулативно 600 милиони евра, а сега е две милијарди. Мината година во зоните работеа над 17.000 вработени, а само за една година имаме 10.000 повеќе вработени, но и просечните плати се значително зголемени. Дури и во јавниот сектор платите се значително зголемени. Еве, тука сме во една медицинска установа каде што платите се од 40-50 проценти зголемени, зависно од работата на вработените до 25 проценти, а дежурствата се и до 166 проценти зголемени кај докторите, кој било да прашате тоа ќе ви го каже. Во образовниот сектор, ако платите во 2016 година во средни училишта беа 18.000 денари, сега веќе доаѓаме до 36-40 илјади денари. Затоа велам дека економијата треба секогаш да се набљудува мултидимензионално. Јас ги следам секогаш проекциите особено на Светска банка и ММФ. Во време на криза тие често пати ги менуваат своите проекции и тоа увидовте дека периодите на менување на проекциите беа многу почести во последните четири години бидејќи се наоѓаме во време на криза. Често пати се разликуваат до еден процент, меѓутоа со финалните порамнувања на крај сите завршуваат на исти или слични проекции“, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за ортопедски болести.

Тој нагласи и дека инфлацијата е намалена.

„Дефицитот веќе го намалуваме до ниво на 3,5 – 3,6 проценти, инфлацијата веќе ја намаливме на 3,4 проценти и затоа реков дека 2023 ќе биде подобра од 2022-ра. Тоа беше така и велам дека 2024 година ќе биде подобра од 2023 година, бидејќи сите параметри поставени во Буџетот тоа го покажуваат. Приватниот сектор вели дека треба веќе и да се увезува работна сила со оглед на тоа што она што е стручно, професионално веќе е исцрпено од приватниот сектор. Гледате дека најновата инвестиција на австралиските инвеститори вработува млади луѓе коишто се на возраст од 24-25 години со плати над 60.000 денари. Тоа е иднината на државата. Јас сум оптимист за развојот на Северна Македонија во наредните пет години, во наредните 10 години на полето на економијата и на полето на развојот на општеството“, подвлече Ковачевски.

Во однос на растот, потенцира дека е во зависост и од стартната позиција на државите.

„Нормално, оние држави што имаат пониска стартна основа, како Косово, имаат поголема стапка на раст. Косово е најновата независна држава на Балканот која дури сега ја оформува својата економија со воведување индустрија, итн, а и ако го земете растот на Германија како најголема европска економија, таа има најнизок раст, меѓутоа во супстанца и тој мал раст апсолутен раст дава голем и затоа е најсилна економија“, рече Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ