Костадиновски искажал задоволство за досегашната соработка и поддршката од Венецијанската комисија и изразил подготвеност за интензивирање на соработката.
„ Улогата на Венецијанската комисија е исклучителна во обезбедувањето на фундаменталните права и уставната правда. Правните стандарди и добрите практики кои ги развива преку правните мислења и т.н пријателски мислења (Amicus curiae opinions) се особено значајни во постапките и работењето на Уставниот суд на Македонија“, истакнал Костадиновски на средбата.
Костадиновски го запознал Кауер со актуелностите и предизвиците со кои се соочува судот, како и со новините кои се воведени со актот на Уставниот суд кој почна да се применува од септември оваа година.
Потпретседателот на Венецијанската комисија, Кауер ги поздравил приоритетите на Костадиновски кои се во насока на зајакнување на владеењето на правото.
„ Венецијанската комисија е посветена на трите основни принципи на европското уставно наследство: демократијата, човековите права и владеењето на правото, кои се истовремено основа на сите активности кои ги презема Советот на Европа. Подготвени сме за потесна соработка со Уставниот суд и особено ја ценам вашата посветеност кон вредностите и принципите кои ги делиме и поддржуваме“, рекол Кауер.
Како што информираат од Уставниот суд средбата се одржала на 23 октомври, во Приштина, на маргините на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови, на која присуствува делегацијата предводена од претседателот на Уставниот суд. Според Агендата предвидено е обраќање на Конференцијата денеска да има претседателот на судот, Костадиновски на темата „Уставните судови како чувари на демократските вредности и принципи: рамнотежа помеѓу извршната, законодавната и судската власт во современите општества”.