понеделник, 25 ноември 2024

Костадиновски: Ако е потребно, за Законот за јазиците ќе побараме пријателски совет од Вевецијанската комисија

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски вчера порача дека Уставниот суд не ја укина уставната одредба за соодветна и правична застапеност, таканаречениот балансер како неуставна алатка и подзаконски акти кои регулираат јавни огласи во кои се бара изразување на националноста, при што ги демантираше сите обвинувања од политиката кои беа упатени до Уставниот суд изминатиот период, соопшти денеска судот.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостување на Канал 5, Костадиновски кажа дека добро го познава Охридскиот рамковен договор бидејќи како тогашен советник на претседателот Борис Трајковски сведочел на подготовката и потпишувањето на тој договор, што упатува на доброто познавање на важноста и значењето за граѓаните од помалите заедници.

„Уставниот амандман е внесен во Уставот во 2001 година како резултат на општествена нужност и никој не го спори тоа. Тој бил и општествено оправдан и општествено нужен. Тоа претставува афирмативна акција основана на два постулати. Првиот е остварување на некоја легитимна цел, а вториот е кога се исполнува легитимната цел, почнува да продуцира дискриминација. Темелната вредност на соодветна и правична застапеност останува во Уставот, ние сме укинале одредби кои операционализираат. Оваа темелна вредност со текот на времето се судира со други уставни норми. А, се остварува преку два принципи, односно нееднаквост во нееднаквоста и нееднаквост во еднаквоста, тие два даваат различен резултат. Кој принцип ќе го избере законодавецот, тоа зависи од него”, кажа Костадиновски.

На прашањето зошто судот не беше единствен во одлуката, туку имаше и судии со различно мислење кои не поддржаа укинување на балансерот, Костадиновски кажа дека едногласните одлуки секогаш имаат поголем авторитет, но сепак одлуката на судот се носи со најмалку пет гласа и легитимно право е на судиите да издвојат мислење.

„Јас сум рекордер по издвоено мислење, имам 50 издвоени мислења. Со индигнација ги отфрлив сите обвинувања за етничка или политичка одлука. На самата расправа вкрстивме аргументи. А, за обвинувањата дека со етничко надгласување е донесена одлуката, може и обратно да се постави прашањето, на пример дали тие судии користеле уставно-правни аргументи?. Подготвувајќи се за ова интервју најдов натписи од 2007 година за поништувањето на Законот за употреба на знамињата, со истите обвинувања дека одлуката е етничка, политичка дека е тајно сценарио за дестабилизација на државата. Истото, значи 2007 година, а сега сме 2024 и 17 години се поминати. Значи ние на некој начин не прогресираме, имаме стагнација на демократскиот капацитет“, кажа Костадиновски.

За овој предмет претседателот Костадиновски појасни дека како судија-известител го завршил уште во февруари, со што ги отфрли обвинувањата за носење на одлуки во временски период погоден за одредени политичари.

Потврди дека е веројатно Законот за употреба на јазиците да биде во декември, а за наводните најави за бојкот на таа седница од страна на неколку судии, претседателот одговори дека постојат механизми кои ќе спречат блокирање на работата на судот. На прашањето, дали  може  да се случи таа седница да не се одржи годинава, Костадиновски изјави дека и тоа е можно, но дека не сака да верува во такви сценарија.

„Јас не сакам да верувам во такви сценарија но неспорен факт е дека јас како претседател на судот сум обврзан со заклучок  да сите девет судии бидат присутни на седницата и се додека е на сила тој заклучок поради сензибилноста, поради важноста на предметот, поради импликации итн, да се одлучува во полн состав. Сѐ додека не се донесе нов заклучок, тој е на сила. Но не значи дека нема да можеме да го смениме и да донесеме друг заклучок. Ние, не одлучуваме за употребата на јазиците, ние во тие иницијативи одлучуваме за примената. Никој не треба да трепери и да биде вознемирен од постапките на Уставниот суд, ние едноставно треба да видиме што во тој закон е неуставно. Можеме да продолжиме да глумиме владеење на правото, можеме уште пет години уште десет години. И по тоа повторно да се прашаме и да добиеме квалификации ‘заробена држава’, ‘хибриден режим’. Јас пред неколку дена бев на Меѓународна конференција во Приштина по повод одбележување 15 години од постоењето на нивниот Уставен суд. Пред сите кажав дека нивниот суд е инспирација за сите нас, бидејќи има урнато две влади, два парламенти и сменето двајца претседатели. Ниеден суд во регионот не покажал таква одважност и одлучност. А тоа е битно бидејќи на тој начин се гради уставната култура и сите останати власти, три пати ќе помислат како постапуваат затоа што знаат дека постои Уставен суд што може да одлучи и да спречи некоја нивна намера”, рече Костадиновски.

Претседателот на Уставниот суд најави дека ќе ги искористи сите можности за граѓаните да бидат објективно информирани и да ја знаат вистината, при што ја остави отворена можноста за подготвителна седница за овој предмет, барање совет од Венецијанската комисија, но и можно  искористување на одредби од новиот акт кои ќе дадат насока за интервенции на евентуалните неуставни делови од законот, до Собранието.

„Слушајќи ги сите овие обвинувања, ние како судии ќе ги исцрпиме сите алатки кои ни стојат на располагање, за да некој начин ги амортизираме обвинувања. Ние не може секој ден да одиме на телевизии и да полемизираме со политичарите. Ние сакаме на граѓаните да им се обраќаме. Сите опции се во игра. И подготвителна едница за материјалниот дел. Венецијанската комисија излезе со мислење за законот, но ние имаме право да побараме amicus curiae („пријател на судот“ е поединец или организација која не е странка во правен случај, но на која и е дозволено да му помогне на судот со нудење информации, експертиза или увид што има влијание врз прашањата во предметот), ако утврдиме спорни правни прашања. Како суд, за да ги амортизираме сите овие обвинувања за наводно етничко, па политичко постапување, јас како претседател а верувам и моите колеги сме спремни на некој начин да ги разубедуваме политичарите а воедно да им се обраќаме на граѓаните, дека нашите одлуки ќе бидат уставно втемелени. И ниту земаме ниту даваме право. Воопшто не се доведува под закана употребата на јазиците, туку само начинот, примената, како е операционализиран. И никој не треба да стравува од нашите одлуки, напротив можеме да им ја олесниме работата. Исто како колегите уставни судии во 2007 година кога не ја доведувале во прашање употребата на знамињата, туку начинот на кој е имплементирано. Така да, сите можни средства ќе ги искористиме, но не за да им удоволиме на политичарите, но сакам граѓаните да ја знаат вистината и да си бидат спокојни. Уставниот суд само цени дали нешто е согласно со Уставот, а Владата и законодавецот да бидат благодарни, нашите одлуки треба да им бидат многу корисна алатка,водич какви закони да носат.  Да заклучам, можно е подготвителна седница, можно е да бараме аmicus curiae од Венецијанската комисија, можно е алатката од новиот акт и да одлучиме да изразиме сомнеж па да го пратиме во Собрание на доработка”, кажа Костадиновски.

На прашањето како може Уставниот суд за овој предмет да го искористи новиот акт и да го испрати на доработка во Собранието како спорен, Костадиновски рече дека тоа е апсолутно можно.

„Тоа значи дека доколку во првата фаза на постапување, односно поведување на постапка, тоа не значи дек Судот одлучил туку дека изразил сомнеж. Се влегува во втора фаза потоа, со тоа да му дадеме рок на законодавецот не подолг од шест месеци да се усогласи со нашите стојалишта. И таа е корисна алатка и може да се употреби”, рече Костадиновски.

Прашан што доколку Собранието не постапи во рок од шест месеци да интервенира во Законот за јазиците, Костадиновски одговори дека тогаш стапува на сила втората фаза „и доколку најдеме неуставни одредби се носи одлука, укдека инувачка или поништувачка. ”

Претседателот Костадиновски даде свое лично мислење за најавените реформи во правосудството, при што потенцираше дека не поддржува колективна одговорност, наспроти индивидуалната одговорност.

„За мене е важно пристапот, решенијата за кои ќе се одлучи власта во решавање на овие прашања. Тие имаат легитимно, уставно овластување да нормираат, но мене поинаку ми се поставува прашањето, со години гледаме уставни, законски реформи а работите на полошо одат. Тоа укажува дека ние треба нешто друго да менуваме, менталниот код, вредносниот ситем. Јас не верувам во колективна одговорност, тоа е рецидив на едно претходно уредување. Индивидуалната одговорност влева поголема доверба. Па неодамна имавме случај, врховен судија призна дело, дали тоа значи дека сите врховни судии го направиле тоа дело? Тоа е клучно. Не сум толку сигурен дека со законски нормирања би се смениле работите,” изјави претседателот Костадиновски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ