Контраофанзивата „не ги исполнува очекувањата на ниту еден фронт“, изјави еден од неименуваните извори за Си-ен-ен.
Според западните проценки, руските одбранбени линии се покажале како добро утврдени, што го отежнува пробивањето на украинските сили низ нив. Покрај тоа, руските сили ефективно ги распоредиле воздушните сили.
Според еден од изворите, украинските сили се покажуваат како „ранливи“ на минските полиња, а руските сили се „компетентни“ во својата одбрана.
Официјалните лица предупредија дека контраофанзивата сè уште е во рана фаза, и дека САД и нивните сојузници „остануваат оптимисти“ дека украинските сили ќе можат да остварат територијални придобивки со текот на времето.
САД и нивните сојузници ќе чекаат барем до јули за поцелосна проценка на напредокот на контраофанзивата која постепено започна во текот на изминатите неколку недели и се смета за клучна за одредување кој ќе победи на крајот во војната.
Соговорниците на Си-ен-ен наведуваат и дека во последните денови украинските сили имале поголем успех во стрелањето и соборувањето на руски авиони.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата призна дека напредокот е „побавен од посакуваното“.
„Дефинитивно би сакале да преземеме поголеми чекори“, изјави Зеленски за Би-би-си.
Западните официјални лица предупредија пред да започнат контраофанзива дека силите кои ја бранат територијата секогаш имаат значителна предност, особено со оглед на времето потребно за руските сили да ги воспостават своите одбранбени линии.