Преземањето на дејствија во домот на должникот се врши почитувајќи ја личноста и достоинството на должникот и неговото семејство па од таа причина јавноста е исклучена од постапките на извршувањето согласно обврската за извршителска тајна, велат од Комората на извршители.
„Комората ќе ги искористи сите законски средства за да се побара одговорност за недозволеното и незаконито снимање на дејствијата кои ги презема извршителот со цел реализирање на судска одлука за наплата на долг. Потсетуваме дека попречувањето при вршење на службата на извршителот е кривично дело, за кое МВР и обвинителството имаат обврска да постапуваат по службена должност. Воедно, согласно Законот за извршување извршителот е овластен да го отстрани лицето кое го попречува спроведувањето на извршувањето и да побара асистенција од полиција. Комората на извршители ги повикува надлежните институции за брза и ефикасна истрага се со цел целосно расчистување на случајот и правилно информирање на јавноста“, реагираа денеска од Комората.
Новинарот Фурхан Салиу вчера објави дека е повреден откако физички бил нападнат од извршителката Весна Јакимовска во тек на извршна постапка во Кичeво, каде тој со своја екипа на ПорталиИкс бил за да постави новинарски прашања во врска со бројни поплаки од граѓани на адреса на оваa извршителка. Салиу нападот го пријавил во полиција. Здружението на новинари и Самостојниот сидникат на новинарите ја осудија ваквата реакција на извршителката, потсетувајќи дека напад врз новинар е кривично дело. Со соопштение се јави и Јавното обвинителство.
Извршителката Весна Јакимовска нападнала и полицаец во полициската станица во Кичево додека била на распит за физичкиот напад врз Салиу и екипата на ПорталиХ.
Поради ова, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Кичево достави предлог за определување мерка притвор за осомничената извршителка Весна Јакимовска, која, според обвинителството, во текот на целиот настан продолжувала да се заканува „поради што јасно постои опасност од повторување на делото“.
Министерството за правда побара од Комората на извршители да го испита случајот и доколку постои евентуално пречекорување на Законот за извршување и Кодексот на професионалната етика на извршителите, да се преземат соодветни мерки.