сабота, 13 јули 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Клима уреди во училницата?

Како и во многу делови во светот и во нашата земја се јавија големи горештини со невообичаени температури на воздухот за месец јуни, а летото календарски уште не е ни пристигнато.

Овие денови топ тема беа училиштата во кои децата зовреа во училниците во кои имаше ненормални услови за следење на наставата. Тоа исто така важи и за наставниците. Заради тоа, Министерството за образование и наука (МОН) донесе одлука да се држи настава со скратени часови, но тоа всушност се однесуваше само за еден ден бидејќи во меѓувреме горештините престанаа, веројатно привремено. Според сите сценарија за климатските промени во иднина ќе има горештини уште долго време, дури и со поголем интензитет.

Можеме да заклучиме дека одлуката на МОН училишната година да трае до 17-ти јуни е голема грешка и тоа треба да се поправи веднаш за следната учебна година. Република Македонија (РМ) не е во Скандинавија каде што има сосема поинакви климатски услови со релативно пониски температури.

Во јавноста се појави и предлог да се обезбедат финансиски средства за опремување на училиштата со клима уреди. Ова е погрешно бидејќи не е во прашање само чинењето на климите, туку ќе треба да се плаќа плус за потрошената електрична енергија, плус за одржување и сервисирање и др. Ако струењето на ладниот воздух од климите е насочено директно кон децата, тоа штетно ќе влијае на нивното здравје, ќе има спротивен ефект.

Ако веќе се прави климатизација на училиштата, таму треба се примени централен систем, а за тоа треба посебен проект и изведување на работите од специјализирана фирма. Сепак, јас препорачувам проблемот со горештините во училиштата да се реши на поинаков начин.

Според моето познавање на работите во оваа област, решението на проблемот за работа на училиштата до 10-ти јуни може да се најде со зголемување на енергетската ефикасност на зградите на училиштата, а тоа се прави со ставање на подебела топлинска изолација на надворешните оградувачки површини и со вградување на квалитетни прозорци од нова генерација. На тој начин нема да има потреба за ладење на училниците од 1-ви септември до 10-ти јуни. Бидејќи наставниците работат и во дел од летото, во заедничката канцеларија каде што тие престојуваат и одржуваат состаноци, таму би можело да се стават клима уреди.

Но, јас сум убеден дека ако една зграда е термички добро изолирана, тогаш потребите за ладење на воздухот во нив преку летото ќе бидат значително намалени. Со зголемување на енергетската ефикасност на зградите ќе се намалат и потребите за греење во грејната сезона, а со тоа трошоците за греење драстично ќе се намалат.

Во РМ постои Закон за енергетска ефикасност, а во тек е 4-тиот Национален акциски план за енергетска ефикасност донесен во 2021 година. Во нив е посветено големо внимание на значајно реновирање на постојните згради со посебен акцент на ставање на топлинска изолација и прозорци од нова генерација. Исто така, постои и Правилник за енергетска карактеристика на зградите кој треба да се применува при изградба на нови згради и при значајна реконструкција на старите згради. Ова треба да се примени и за темелно реновирање на училишните згради бидејќи најголемиот број од нив се во многу лоша состојба.

Во земјава постои извесен хаос во областа на греење и климатизација на просториите. Во делот климатизација скоро сите мислат дека тоа е ладење со клима уреди. Тоа не е целосно исправно бидејќи климатизација е подготовка на воздухот што треба да создаде (одржува) комфорни услови на воздухот во просториите, а кои се удобни за луѓето. Тука не се работи само за одржување на соодветна температура, туку и за други параметри на воздухот како што се релативната влажност, концентрација на јаглерод-диоксид во дозволени граници, чистота на воздухот (односно концентрација на штетни честички) т.е. потреба од вентилација со свеж воздух итн. Притоа постојат разни технички изведби соодветно на карактерот (намената) на зградата. Но за тоа би пишувал во некоја друга пригода.

Уште нешто да нагласам во врска со клима уредите и воопшто за ладилните машини за централна климатизација. Последниве години е направен технолошки напредок така што оваа опрема за ладење може да служи и за греење користејќи го принципот на работа на топлинската пумпа. Уште повеќе, во последно време многу корисници купуваат клима уреди во инвертер изведба со примарна намена за греење.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Димитар Љоровски Вамваковски

Патот кон создавањето на македонската национална посебност

Ристо Цицонков

Пoлитичари, соблечете ги оделата кога е надвор жешко!

Рајко Пеколски

Нaјважната игра

Љубица Караманди Попчевски

Евроинтеграција: Клучни уставни промени за македонскиот пат кон ЕУ

Веле Митаноски

Македонците од Албанија ги предадоа политичарите од сите бои – овдешни...

Клементина Брзаковска

Симболиката на една ограда

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ