петок, 18 октомври 2024

Ким Јонг Ун нема долго да трае, тврди неговиот постар брат

Објавено на

часот

Сподели

Ким Јонг Нам, најстариот син на починатиот лидер на Северна Кореја Ким Јонг Ил, предвидува дека режимот наскоро ќе се сруши, со или без реформи.
Ова тој го кажува во книга базирана на разговори и интервјуа, напишана од Јоџи Гоми, новинар во Токио Шимбун, кој тврди дека цели седум години разменувал имејлови со Ким Јонг Нам. Во книгата се објавува дека Ким Јонг Нам, кој никогаш не го запознал новиот лидер, својот полубрат Ким Јонг Ун, династиското наследување го опишал како „шега за надворешниот свет“, и кажал дека дури и неговиот татко првично се противел на наследното предавање на моќта.
„Режимот на Ким Јонг Ун нема да трае долго“, наводно напишал Јонг Нам, предвидувајќи борба за моќ. „Без реформи, Северна Кореја ќе се сруши, а ако случајно се случат промени, тогаш режимот ќе падне“.
Тој додава: „Мислам дека ќе бидеме сведоци на трошење скапоцено време додека режимот бесполезно седи двоумејќи се дали да воведе реформи или да ја задржи сегашната политичка структура“.
Ким Јонг Нам и претходно даваше искрени коментари за Северна Кореја во медиумите, но овие наводни разговори одат уште подлабоко. Експертите за Северна Кореја предупредуваат дека е невозможно да се провери автентичноста на деталите сè додека самио Јонг Нам не потврди дека се негови.
Во една од пораките, Ким Јонг Нам забележува: „Загрижен сум како Јонг Ун, кој едвај подзаличува на дедо ми (поранешниот севернокорејски лидер Ким Ил Сунг), ќе успее да ги задоволи потребите на Севернокорејците. Тој сè уште е само формална фигура и членовите на елитата ќе бидат оние со вистинската моќ“.
Тој тврди и дека го убедувал татко си да воведе реформи и да го либерализира пазарот, како и дека му ја објаснувал загриженоста на меѓународната заедница за нуклеарните тестирања и ракетните лансирања. Тој тврди дека цврстиот став на Северот е поради решеноста на политичкиот систем да преживее.
Прашан за новиот лидер, тој одговара: „Јас сум му полубрат, но никогаш не сум го запознал и не знам што да кажам“.
Ким Јонг Нам, кој живее во Пекинг и Макао, за сопствената ситуација вели: „Кинеската влада ме штити, но исто така и ме надгледува. Тоа е мојата неизбежна судбина. Ако не можам да ја избегнам, ќе уживам во неа“.
Се зборува дека Ким ја изгубил својата позиција кај својот татко кога јапонските власти го фатиле како се обидува да влезе во земјата со фалсификуван пасош, обидувајќи се да го посети токискиот Дизниленд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ