недела, 20 октомври 2024

Ким Џонг Ун нареди зголемување на производството на ракети и муниција

Објавено на

часот

Сподели

Наредбата на севернокорејскиот лидер пристигна откако тој во петокот и саботата посети клучни капацитети за производство на ракети, платформи за лансирање ракети, оклопни возила и артилериски гранати, и неколку дена пред почетокот на американско-јужнокорејските воени вежби, кои Пјонгјанг ги гледа како „подготовка за војна“.

Поради ова, Ким Џонг Ун бара масовно производство на различни видови оружје, додека зголеменото производство на ракети го гледа како на задоволување на потребите за воените единици на првата линија, пренесува КЦНА.

„Квалитативните нивоа на воени подготовки зависат од развојот на индустријата за муниција“, рече тој. За време на неговата посета на фабриките, Ким Џонг Ун возеше ново борбено оклопно возило и го пофали напредокот во модернизацијата на производството.

Постои „итна потреба од експоненцијално зголемување на производството на ракети за да ги зајакнеме нашите единици на фронтот. Нашата војска мора да обезбеди доминантна воена моќ и да биде подготвена да води секаква војна во секое време, така што непријателите нема да се осмелат да употребат сила, инаку ќе бидат уништени“, рече севернокорејскиот лидер, пренесе КЦНА.

Јужна Кореја и САД најавија дека ќе спроведат воени вежби во последните десет дена од август за да можат да одговорат на растечките нуклеарни и ракетни закани кои доаѓаат од северот на Корејскиот полуостров.

Заедничките воени вежби меѓу двата сојузници мобилизираа десетици илјади војници од двете страни, а Северна Кореја ги смета за проба за нуклеарна војна.

„Вежбите се суштински елемент за одржување на силна одбранбена положба во случај на нужда, апсолутно се неопходни за одговор на растечката воена закана од Северна Кореја“, одговори полковникот на јужнокорејската војска Ли Сунг Џун.

Од друга страна, САД ја обвинуваат Северна Кореја дека ѝ испорачува оружје на Русија во војната со Украина, што тие го негираат.

Лидерите на Јужна Кореја, САД и Јапонија наскоро ќе се сретнат на трилатералниот самит во Кемп Дејвид на 18 август, кога ќе разговараат за повеќе прашања, како што се Северна Кореја, безбедносната соработка, војната во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ