сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Ќе успее ли новоизбраниот претседател на Сириза да ја прекине доминацијата на Нова демократија?

Новите градоначалници ќе имаат мандат од пет години (според новиот изборен закон), и тоа од 1 јануари 2024 до 31 декември 2028. Кандидатот за градоначалник може да биде избран и во првиот круг доколку освои 43% плус еден глас. Но после вториот круг на локалните избори, вечерта на 15ти Октомври ќе се знае која партија ќе надвладее во изборот на челници  на локалната самоуправа. 
Традиционално силите во локалната самоуправа ќе ги одмерат владејачката Нова демократија, водечката опозициска партија Сириза и ПАСОК (членка на Партијата на европските социјалисти – ПЕС). Се разбира, грчкиот закон дозволува и кандидатура на независни кандидати.
 

Изборот на лидер на партијата Сириза

Но кампањата за претстојните локални избори падна во сенка на внатрепартиските непосредни избори (гласаа членовите на партијата) за нов лидер на крајно левичарската Сириза. Некогашниот премиер на Грција Алексис Ципрас (1974) даде оставка од лидерското место на партијата после поразот на парламентарните избори во Јуни годинава. Изборниот трилер со Стефанос Каселакис (1988) сега веќе новоизбран лидер на СИРИЗА беше главна тема во медиумите. Но впрочем неговиот избор можеби на крајот на кампањата и не беше изненадување со оглед дека тој беше присутен насекаде во средствата за јавно информирање. Каселакис потекнува од населбата Маруси во Атина и до сега не и беше познат на грчката висока политика. Мајка му е стоматолог а татко му локален бизнисмен. Каселакис на својата 14та година освои сребрен медал на натпреварот Archimedes на Грчката математичка асоцијација и потоа замина во САД да го продолжи образованието. Таму доби и стипендија на Универзитетот Пенсилванија од каде што покасно се здоби и со диплома. На оваа тема Каселакис се разликува од Ципрас кој имаше потешкотии со нивото на познавање на англискиот јазик. Каселакис има и поранешно работно искуство во Goldman Sachs, и сега поседува и компанија за поморски транспорт.

На 29 август годинава, Каселакис се кандидираше на внатрепартиските избори во најголемата опозициска партија Сириза. И само со 27 дена кампања, користејќи ги во голема мера и социјалните медиуми тој успеа да ги убеди гласачите и стана новиот претседател на партијата. Извојува убедлива победа освојувајќи 57% од гласовите (од 130.000 учесници на изборите). Тој нема политичко искуство, доколку се исклучи неговиот волонтерски ангажман (додека беше студент) во кампањата на Џо Бајден на внатрепартиските избори на Демократите во САД во 2008ма година. Харизматичниот Каселакис со својата непосредност и едноставност во своите настапи многу потсетува на неговиот претходник Ципрас. Ова е еден од постулатите каде што Каселакис ќе проба да се наметне, како „момче од соседството„ кој сам го изодел својот животен пат кон успехот. За разлика од неговиот главен политички опонент Премиерот Мицотакис, кој е по потекло од позната грчка политичка елита. 

Каселакис живее со неговиот партнер Tyler McBeth кој го има запознаено во САД во 2019 година. Но Каселакис тврди дека тој не живее геј агенда туку човечка агенда. Каселакис сега е исправен пред голема борба со оглед дека тој во својата кампања укажа дека сака да направи многу промени во грчкото општество. Покрај многуте нешта тој ветува и укинување на задолжителното служење на воен рок, и одвојување на црквата од државата. Но прво мора да оди на задолжително отслужување на воениот рок. Со оглед дека во изминатиот период живееше во странство и на подлежеше на повик во редовната воена служба во Грција. Впрочем, Каселакис се врати во Грција годинава, непосредно пред парламентарните избори, но не успеа да се избори за пратенички мандат. Сега кога се врати во земјата и сеуште ја нема надминато старосната граница за отслужување на воен рок ќе мора да оди три недели во редовна воена служба, додека остатокот од  задолжителниот воен рок може да го откупи. Каселакис изјави дека сака редовниот рок да го отслужи на границите на својата земја, и тоа на грчко-турската граница.
 

Ќе успее ли Каселакис да ја загрози доминацијата на Нова демократија

Се уште е премногу рано. Каселакис немаше можност да влијае на изборот на кандидатите за претстојните локални избори. Впрочем тој беше избран за нов лидер, само 14 дена пред првиот круг на локалните избори. Нова демократија на чело со претседателот Мицотакис е во подем последните неколку години и извојува убедлива и историска победа  на последните парламентарни избори годинава. 

Ова лето Грција ја зафатија разорни пожари и поплави, со човечки жртви и енормни материјални штети. Владата на Мицотакис како да не беше целосно успешна во справувањето со овие елементарни непогоди. Но сето ова не го урниса високиот рејтингот на партијата. Нова демократија успеа да го задржи водството на последните анкети во Грција, и тоа со 16 до 19% пред Сириза. Впрочем Нова демократија е можеби најуспешната партија од семејството на Европската народна партија. 

Каселакис стартуваше и со слаб позитивен рејтинг од само 32% (специфичен параметар што го мерат грчките агенции за испитување на јавното мислење, позитивен наспроти негативен рејтинг на секој лидер на политичките партии). Неговиот претходник Ципрас кога беше избран за лидер на партијата во 2008ма стартуваше со 68% позитивен рејтинг. Работите се додатно комплицирани за Каселакис, со оглед дека во партијата има доста незадоволни од неговиот избор. На последните анкети, шест од десет испитаници мислат дека во СИРИЗА ќе се случи раскол. Во моментов во партијата е прогласено примирје до претстојните избори. 

Деновиве во пресрет на локалните избори беа објавени резултатите од туристичката сезона во Грција, каде што оваа дејност повторно бележи историско високи резултати. И во бројот на туристички пристигнувања во земјата и во економските параметри. Сегашната локална управа има голема улога во туристичкиот развој на земјата. Да не ја заборавиме и соработката на локалната управа со владата во Атина составена целосно од членови на Нова демократија. 

Функцијата градоначалник на Атина последниве четири години ја извршува Костас Бакојанис (1978). Бакојанис е внук од сестра на премиерот Мицотакис, и повторно се кандидираше на претстојните избори. Главниот град Атина може да се пофали со нови инвестиции во метрото но и импресивни вложувања од домашни и странски компании од приватниот сектор во секторите домување, туризам, и забава. Проектот Елиникон во Атина вклучува 2.000.000 квадратни метри инвестиции во врвна класа во Метрополитан Парк во Атина. 

Солун, вториот град по големина во Грција, малку како да заостанува зад главниот град. Инвестициите во метрото во Солун иако одат бавно. Сепак тоа би требало да биде ставено во функција во 2024 година. Целта на Мицотакис после вториот круг на локалните избори е триумфално да објави дека Нова демократија ги освоила сите 13 Периферии и дека Грција е повторно обоена во сино (алудирајќи на партиската боја). 
 

Судирот на врвот останува помеѓу Нова демократија и СИРИЗА

Победата на Сириза (во контекст на освоени градоначалнички мандати) на претстојните локални избори во моментов изгледа невозможна. Но изборот на несекојдневниот Каселакис за нов партиски лидер навестува старо нов тренд во грчката политика.

Од 2021 година многу се очекуваше после изборот на Никос Андрулакис за нов претседател на ПАСОК. Но сега со изборот на Каселакис на чело на Сириза, се зголемија шансите оваа крајно левичарска партија да остане главен опонент на Нова демократија. Треба да се напомене и дека до сега немало коалицирање помеѓу двете водечки левичарски партии на ниедно ниво. Но внимавајте, во моментов, втор по политички рејтинг после премиерот Мицотакис е претседателот на Комунистичката Партија на Грција – ККЕ, Димитрис Куцумбас (1955). Каселакис е трет, Андрулакис е четврт по рејтинг. Но едно е сигурно, Каселакис уште сега е победник во една работа. Тој им го украде шоуто на останатите политичари и е непресушен извор на инспирација за медиумите. Кога и да го следите нема да ви биде досаден.

Претстојните локални избори нема да го сменат распоредот на силите. Доминацијата на Нова демократија ќе продолжи уште некое време. Зад оваа партија стои моќна и организирана пропагандна машинерија. Каселакис во неколку наврати ги обвини медиумите дека се пристрасни во полза на Нова демократија. 

Сепак во моментов се поставува прашањето дали Каселакис, со својата човечка агенда и навестување на многу промени ќе успее, но во иднина, да ја загрози водечката позиција на Нова Демократија на чело со Премиерот Мицотакис. Тоа што Каселакис не е член на грчкиот Парламент е мал хендикеп. Постои можност некои од пратениците да дадат оставки и со тоа да го отворат патот Каселакис да стане пратеник (со оглед дека се наоѓаше на листата што го овозможува тоа). Но овој потег не наиде на добар одѕив, а и самиот Каселакис укажа дека тоа не му е главна цел.

Грците сакаат да се гордеат со своето славно минато, и особено го потенцираат својот континуитет од античките времиња. Во старата Грција, во тогашните елитни кругови, како што укажуваат историчарите, постоел еден интересен тренд. Многу машки високо позиционирани кругови во античка Грција имале јавно искажана култура на живеење многу слична  на денешната ЛГБТ заедница.

Грција во последните неколку децении во повеќе наврати успешно е предводена од конзервативната Нова демократија, на централно и локално ниво. Се поставува прашањето дали е можно после 2.000 години во врвот на грчката елита, и извршна власт, да се вивне припадник на ЛГБТ заедницата кој не ја крие својата припадност кон неа.

                                                                                                                                         Др. Томи Димитровски 

                       (Авторот е поранешен македонски амбасадор во Република Словенија 2014-2018 и поранешен генерален                            конзул во Солун, Република Грција – 2007-2014).

                                                                                                                            Текстот е преземен од ИФИМЕС

 

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ